По неколку успешни аквизиции во Албанија и Црна Гора, унгарската компанија 4иГ (4iG Group) почна со подготовки за влез на пазарот в Македонија, со основање на подружница Уан (ONE Macedonia Telecommunications). Со одлука на Одборот на Групацијата донесена минатиот петок, новата компанија ќе биде основана од Antenna Hungária Zrt., дел од 4iG Group, под којашто е телекомуникациското портфолио на инфо-комуникациската групација во Унгарија и во Западен Балкан. Регистрацијата на компанијата е завршена, а со формирањето на оваа компанија, 4iG Group има за цел што поскоро да влезе на телекомуникацискиот пазар во Македонија.

Основањето на One Macedonia Telecommunications е првиот важен чекор за 4iG Group да стане значаен нов играч во Македонија. Покрај професионалните соработки, деловните и оперативните синергии стекнати од претходните искуства во регионот, групацијата 4iG ја има поддршката од македонската влада којашто очекува со доаѓањето на нов оператор да се зголеми пазарната конкуренција, да го подобри квалитетот на телекомуникациските мрежи, и со тоа да се забрза дигитализацијата на земјата.

Со завршувањето на процесот на регистрација на компанијата, за иден извршен директор на One Macedonia Telecommunications е назначен Тамаш Табори кој е заменик извршен директор одговорен за телекомуникациската стратегија во унгарската матична компанија на групацијата, 4iG Nyrt. 4iG Group започна консултации со Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) како регулаторно тело во Македонија и избра локални и меѓународни консултантски фирми за поддршка на имплементација на стратегијата на групацијата во земјата. Заедно со сопствените експерти од индустријата на 4iG групацијата, водечка улога во целиот процес ќе ја има „Analysys Mason“, една од најголемите глобални технолошки, медиумски и телекомуникациски консултантски компании.

Посветени сме да влеземе на македонскиот телекомуникациски пазар со истата посветеност и иновациите што ги донесовме во Албанија и Црна Гора. Основањето на ONE Macedonia Telecommunications е нашиот прв значаен и опиплив чекор кон станување главен телекомуникациски провајдер во Македонија“, рече Тамаш Табори, извршен директор на ONE Macedonia Telecommunications и заменик извршен директор одговорен за телекомуникациска стратегија во 4iG Nyrt.

Деловниот опсег на One Macedonia Telecommunications опфаќа мобилни, фиксни и сателитски телекомуникациски услуги, трговија на големо и мало со телекомуникациски и ИТ производи, како и деловни консултантски услуги.

Како членка на Алијансата O-RAN, групацијата 4iG е посветена на користење технологија од веродостојни и сигурни извори како дел од иницијативата „Чиста мрежа“, што е услов поставен од македонската влада за нов учесник на пазарот. Иницирана е и регистрацијата на веб-страниците на новиот давател на услуги, така што компанијата ќе биде достапна и преку домејните onemacedonia.mk и onetelekom.mk.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.