Академикот Таки Фити денеска на јавната расправа во собраниската Комисијата за економски прашања истакна дека треба да се направат големи напори во иновативноста, продуктивноста и конкурентноста за да може економијата да се развива побрзо и подинамично и да постигнуваме поквалитетни резултати.
Тој на расправа на тема „Иновативна и конкурентна економија“ истакна дека иновативноста, продуктивноста и конкурентноста се три комплексни економски категории кои што се меѓусебно зависни, заемно условени и кои што имаат силно влијание не само врз динамиката туку и врз квалитетот на економскиот раст и развој.
За жал, како што посочи, во сите три сфери земјава е соочена со многу сериозни проблеми, а слабиот квалитет во овие дејности е пред се резултат на слабиот квалитет на човечкиот капитал.
Тука имаме проблем. И тука проблемите главно се лоцирани во доменот на слабостите што ги бележиме во сите три степени на формално образование – основно, средно и високо образование. Тука имаме сериозни проблеми. Последните години имаме назадување по сите индикатори во сите три степени на формално образование. Системот на неформално образование лошо функционира, особено отсуствува она што го викаме систем на доживотно учење, што е многу битно за сите перформанси на економијата. И вториот фактор што има силно дејство на иновативноста, продуктивноста и конкурентноста е слабиот иновациски капацитет. Тој, пак, од своја страна е условен од голем број на други подфактори. Ако имате нагласена конкуренција најпрвин дома, ќе морате да иновирате ако сакате на домашниот пазар да опстоите. Ако иновирате, ќе можете многу полесно да се вклучите на странскиот пазар. Другата работа е отсуство на добро осмислена иновациска политика. Порано ја викавме индустриска, а сега иновациска политика. Ние имаме два-три сегменти на иновациска политика. Тоа се индустриските зони – ТИРЗ-овите, каде имаме сериозен прилив на странски директни инвцестиции, рече Фити на денешната јавна расправа „Иновативна и конкурентна економија“ во рамки на подготовката на Националната развојна стратегија.
Тој потенцира дека ако гледаме од периодот од 2016 година до денес, во сферата на иновативноста има подобрување во земјава, кој се однесува главно на пораст на бројот на фирми што воведуваат иновации на производи, процеси и организациски иновации, маркетинг. Посочи дека расте и бројот на иновативни фирми во нашата држава.
Исто така, според показателот учество на популација со високо образование во вкупната популација бележиме определени резултати, и тоа учество расте учеството на високообразовните кадри. Определени резултати има во доменот на технологиите поврзани со животната средина, пред се со заштитата на животната средина. Тука посебно влијание има овие напори што се прават за зголемување на учеството на обновливата енергија во вкупната финална потрошувачкана енергија во Република Македонија. Во други сфери на иновативноста стоиме прилично лошо, особено во издвојувањата за истражување и развој мерени како процент во бруто домашниот производ на земјата. Вкупните издвојувања се 0,3 отсто од бруто домашниот производ. Тоа е мало, занемарливо, маргинално учество. Просекот на Европа се движи кон 2 отсто. Тука посебно загрижува фактот што бизнис секторот, претпријатијата имаат многу мали издвојувања за истражување и развој гледани како процент во бруто домашниот производ. Тука заостануваме дури и зад земјите кои се на нашето развојно ниво. Имаме проблеми и во едукација на вработените во фирмите и нивна подготовка за професионално усовршување, надоградување при усвојување на нови знаења. Македонија е рангирана како земја иноватор во подем, според Европската методологија за проценка на вкупната иновативност, резултатот е 46,3 отсто во однос на просекот не ЕУ. Значи, сме под 50 отсто во однос на она што е направено во ЕУ како просечен показател. Уште полошо е што во оваа група земја иноватор во подем стоиме најниско, рече тој.
Академикот истакна дека кај продуктивноста ситуацијата на нашата држава е уште полоша.
Продуктивноста мерена според основните показатели – продуктивност по вработен во однос на бруто домашниот производ, продуктивност според додадена вредност по работник и таканаречената вкупна факторска продуктивност за економистите…Вкупната факторска продуктивност е категорија која што го објаснува придонесот на технолошкиот прогрес на технологијата и знаењата во најширока смисла во порастот на бруто домашниот производ. Со овој показател стоиме многу лошо. Во смисла што од 1994 година до 2017 година вкупната факторска продуктивност има негативен придонес во динамизирањето на растот со еден мал исклучок во периодот од 2002-2008 година. Кај продуктивноста по работник заостанувањето зад европскиот просек, а не зад високо развиените земји, е меѓу 2,5 до 4 пати, рече тој.
Фити посочи дека лошо стоиме и кај конкурентноста, каде според Светскиот економски форум, Македонија со резултат од 56,6 поени е на 82 место меѓу 141 земја. Фити рече дека релативно долг период имаме побрза динамика на пораст на платите во услови кога продуктивноста на трудот стагнира или намалува. -Тоа има многу негативни импликации прво врз конкурентноста на економијата и второ тоа е фактор што врши инфлаторен притисок во економијата. Ви знаете дека годинава ќе завршиме со просечна стапка на инфлација 9,1 отсто, според последните прогнози на Светската банка и со многу низок раст 1,8 отсто, рече тој.
Професор доктор Борче Треновски како експерт вклучен во процесот на подготовка на националната развојна стратегија истакна дека ако не направиме ништо и оставиме да тече ситуацијата како сега, не можеме да очекуваме нашиот раст да биде поголем од 2 проценти во следните 20 години.
Секој нов буџет кој поминува во Собранието, зборуваме за 4, 5, 6 проценти. Моделот покажува дека не можеме да го надминеме тоа, ако не направиме позначајни промени. Зошто е важно економијата? Тоа е вториот аспект. Ако сакаме за првите пет до 10 години значаен напредок, единствено решение е првата област – иновативна и конкурентна економија. Ако тука ги направиме моделите и политиките кои ги предлагаме, ќе имаме огромен раст. Ќе го зголемиме двојно доходот пер капита и за уште 30 проценти ако се вклучат промените и во другите стратешки области. Зошто го кажувам ова? На среден рок економијата најголема сила ќе и даде на растот на оваа општество и држава. На долг рок главен фактор е управувањето на правото. Без подобрување на доброто управување во нашата економија на долг рок растот ќе инхибира, односно не може да помине. Тогаш не можете да си простите дека ако ги направите овие промени растот на бруто домашниот производ годишно се дуплира последните 20 години. Тоа значи дека половина од нашиот домашен производ заради неиспорачаните структурни промени го јадеме самите себе, останува, инхибира, не полира, рече тој.
Според пратеничката на СДСМ, Марија Георгиевска, националната развојна стратегија мора да биде стратешки документ кој ќе биде општо прифатлив за сите за да има успешност во она што е сработено.
Во изминатиот период постоеле стратешки документи, внатре имате се и убаво напишано, ама гледате во реалноста од тие стратегии многу малку нешта се имплементирани. Кажувам во смисла на следното. Во изминатите години, низ креирањето на економски политики сме виделе огромна кратковидост со децении наназад. Зошто го кажувам оваа? Заради тоа што се правеле обиди за креирање на некакви стратешки политики, меѓутоа не ги дале очекуваните резултати. Што било проблемот? Тоа е прашањето кое што веројатно ви како експерти и професори можеби имате одговор на тие прашања. Она што е многу важно е дека мора да има една целосна општествена поддршка, тоа значи консензус од сите. Нема идеологија. Ова мора да биде стратешки документ кој ќе биде општо прифатлив за сите за да има успешност во она што е сработено, рече Георгиевска.
Тони Јаревски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека ако гледаме од која било призма, земјава за 20 години ќе биде „држава без младина, без потенцијал за развој и со полоши политички и економски услови“.
Потребата од ваков документ е уште поизразена. Ние во најмала рака стагнираме или назадуваме во сите сегменти. Треба да се увидат погрешните политики на Владата. Настрана политиката, кажувам во моменталната состојба во која што се наоѓаме. Трите основни показатели – продуктивноста, јавниот долг, лошото учество на науката во самиот развој и лошите услови за бизнис се она што го обременува нашето секојдневие. Од каде произлегуваат истите? Од лошото владеење на правото, неодговорноста и неказнивоста. Што значи дека тие се услови во кои што ние немаме иднина. Како и да гледаме, од било кој аспект, под било која призма, за 20 години ова ќе биде држава без младина, без потенцијал за развој и со полоши и поизразени политички и економски услови, рече Јаревски.
Владата на Република Македонија во јануари 2021 година го започна процесот за изготвување на Националната развојна стратегија, која претставува долгорочен стратегиски документ, кој со инклузивен, аналитички и партиципативен пристап ќе произведе аполитичен, инклузивен, долгорочен, развоен документ, со утврдени приоритети во интерес на општеството и државата. Преку современи и иновативни модели на развој, приспособени на домашниот контекст и засновани на широка и значајна консултација со сите засегнати страни, овој стратегиски документ ќе даде јасна визија за планирана и сигурна иднина за да се отслика меѓугенерациски, родов, меѓуетнички, меѓупартиски и долгорочен консензус за приоритетите на државата, со цел да се обезбеди инклузивен, зелен и одржлив развој за сите, а особено за ранливите категории луѓе.
Како што стои на образложението во собраниската веб страна, Националната развојан стратегија ќе биде визионерски стратешки документ кој ќе утврди развојниот пат на државата во следните 20 години преку процес на широка консултација, вклученост на сите чинители. Се изготвува со поддршка во рамки на проект спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации УНДП и со финансиска поддршка од Фондот за добро управување на Обединетото Кралство и Министерството за финансии на Република Словачка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.