Минималните трошоци на едно семејство за јули изнесуваат 47.042 денари, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Според Синдикатот, оваа сума не е доволна ниту за семејства каде има двајца вработени кои имаат примања од една просечна и една минимална плата.
Истовремено, имајќи во предвид дека инфлацијата од 16 проценти ја обезвреднува вредноста на платите и од тука износот од 18.000 денари колку што изнесува минималната плата во Македонија има реална вредност од 15.120 денари, а износот на просечната нето плата од 31.525 денари има реална вредност од 26.481 денари со што значително е осиромашен македонскиот работник и граѓанин, велат од ССМ.
Посочуваат дека владините политики за само пет месеци од зголемувањето на минималната плата на 18.000 денари повторно ја вратиле нејзината вредност на нивото пред март годинава, односно со една минимална плата работниците да можат да купат само исхрана и пијалоци, колку што им биле потребни во јули (17.842,91 денар).
На работниците им се потребни итни усогласувања на платите за амортизирање на инфлаторниот удар, а тоа значи Владата да ги усогласи платите за 18,4 проценти до септември согласно Законот, а во спротивно како што ги казнува Владата работниците, така работниците ќе ја казнат Владата, а истото се однесува и на работодавачите, укажуваат од ССМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.