До крајот на месецов, најдоцна до понеделник или до вторник ќе ја донесеме одлуката за цената на парното греење во Скопје, бидејќи е исполнето она на што инсистиравме и што го баравме четири месеци – започнаа активности за санација на цевководот на мостот „Беласица“ во Скопје, изјави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

При носењето на одлуката, како што кажа, РКЕ ќе оди со претпоставка дека цевководот на мостот „Беласица“ е целосно во функција и во калкулациите за цената ќе влезе со енергијата која вообичаено се добива од ТЕ-ТО.

Постапката за определување на цената на парното ќе ја продолжиме со податоците од компаниите кои ги добивме во јуни. Дополнително во текот на вчерашниот ден побаравме одредени апдејтирани податоци за трошоците за набавка на природен гас, бидејќи се поминати веќе три месеци. Тоа го направивме со цел да имаме поточна и попрецизна одлука. Со тоа ќе користиме податоци од претходно и податоци кои ќе ги добиеме денеска или утре, изјави Бислимоски на паузата на Инаугуративната конференција „За зелена иднина – насоки за транзиција кон обновливи извори на енергија“ во организација на Македонско здружение за енергија од обновливи извори (МАРЕС).

Нагласи дека РКЕ нема да дозволи никакви ценовни шокови.

-Вообичаено има инфлација, зголемени трошоци за набавка на одредени материјали како што е во сите индустрии, но најголемиот трошок се однесува на цената на природниот гас и на топлината која треба да се набави од ТЕ-ТО. Во најголем дел при носењето на одлуката за цената ќе бидеме сконцентрирани токму на овие трошоци. Со оваа одлука треба да се врати и заемот што го даде Владата во јануари 2022 година. Дали заемот ќе го вратиме одеднаш или на одреден период зависи како ќе изгледаат резултатите за крајната цена, прецизира Бислимоски.

Изрази надеж дека и во наредниот период ќе продолжат поддршката и субвенциите од страна на Владата и додаде дека за тоа не носи одлука РКЕ, туку Владата.

Верувам дека ќе се изнајде начин како и понатаму да им се помага на граѓаните на Градот Скопје во делот на цената на топлинската енергија, истакна Бислимоски.

Посочи дека одлуката што ќе ја донесат нема да подложи на ревидирање и доколку Бугарија не се повлече од таксата што ја воведе за транспорт на руски природен гас.

Нашата одлука нема да има ревидирање. Согласно податоците што ги имам во текот на минатата недела имало тендер за набавка на природен гас од страна на ЕСМ и цената која ја добиле е во рамките на очекуваното и во однос на цената на најголемата берза во Холандија. Најверојатно таму се веќе влезени и тие 10 евра, рече Бислимоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.