До крајот на месецов мора да има некакво решение за платите на избраните лица затоа што се потребни законски измени кои треба да поминат во Собранието, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Како што посочи, работната група се уште не поднела предлог за намалување на функционерските плати бидејќи министерот за информатичко општество деновиве не бил во државата.
-Мислам дека неделава ќе се состанеме пак за конечно да дадеме предлог. Мислам дека ќе мора да има одредено решение до крајот на ноември затоа што секако ќе изискува законски измени коишто ќе треба да поминат на Собрание. Парите што би останале ќе ги вратиме на пензионерите, на студентите, на сите на коишто им се потребни повеќе од можеби на одредени функционери, рече Битиќи во одговор на прашање по отворањето на доградбата на објектот „Кокиче“ во состав на ЈОУДГ „Весели Цветови“ во општина Кисела Вода ка кое присуствуваше заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
За најавените протести на дел од вработените во јавниот сектор на кои бараат зголемување на платите рече дека прават се што е потребно и дека немаат проблем да ги зголемат платите ако се добива соодветна услуга и доколку тоа не биде на штета на другите.
-Нема проблем – ќе решиме се, само да не биде на штета на другите. Притоа, треба да не заборавиме дека ако го зголемите фондот за плати во здравство, во обвинителство, во судовите ќе треба да скратиме од пензиите, ќе траба да скратиме од оброците за студентите, ќе треба да скратиме од книгите за учениците. Едноставно е , изборот е тој, рече Битиќи.
Ние, додаде, правиме максимум што е потребно.
-Промените не се случуваат преку ден, ниту преку ноќ. Бараат одредено време. Мораме одредени промени да ги правиме за да не се на штета на друго место. Јас и министерката за труд и социјална политика сме вклучени во скоро сите преговори со сите страни и немаме никаков проблем да ги зголемиме платите и во здравство, притоа ако имаме здравствени услуги соодветни за нашите баби, дедовци, родители, за нас самите. Ние немаме проблем да ги зголемиме платите и во судство и во обвинителство ако притоа граѓаните не чекаат по шест години за своите предмети за да им се реши судбината, порача Битиќи.
Министерката Тренчевска посочи дека согласно новата методологија во општиот колективен договор во септември следната година ќе има ново покачување на платите на вработените во јавниот сектор согласно одредбата од општиот колективен договор.
Прашана дали со порастот на минималната плата во март 2024 година веднаш ќе порастат и платите во јавниот сектор рече дека не се знае дали тоа ќе биде во март или во септември.
-Ќе видиме дали усогласувањето ќе биде во март затоа што потпишувањето на општиот колективен договор беше воспоставување на нова методологија. Десетте проценти во септември што ги зедоа сите вработени во јавниот сектор во септември 2024 година уште едно усогласување на платите и во март 2025 година да започнеме со новата пресметка на платите односно коефициент помножен со просечна плата, посочи Тренчевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.