Прва инвестиција за целосно производство на автомобили во Македонија беше промовирана во ТИРЗ Тетово. Германска компанија Некст Е Го ќе инвестира 130 милиони евра за производство на електрични возила а Владата ќе помогне со 35 проценти од средствата. За две ипол години оваа компанија ќе вработи 890 луѓе на кои ќе им исплаќа просечна бруто плата од 1340 евра.

Премиерот посочи дека ова е уште една потврда дека државата нуди стабилна економско политичка клима. Според Ковачевски само од почетокот на годината во развојните зони се постигнати договори за инвестиции од 240 милиони евра.

„Македонија тоа го искористи создавајќи амбиент за нови инвестиции. Ние сме членка на НАТО, а нашата позиција е и членство во Европската Унија со веќе отпочнати проговори, за инвеститорите да знаат дека имаат сигурност и предвидлив деловен амбиент, што е впрочем и нашата предност во регионот. И ќе повторам уште еднаш, оваа држава од 19 јули кога ја одржавме првата меѓувладина конференција со Европската Унија, ќе оди само напред. Нема да оди назад, нема да оди ни лево а уште помалку десно. Државата ќе оди напред, во полноправно членство со Европската Унија, затоа што тоа им го должиме на граѓаните, а тоа им го должиме и на инвеститорите кои отвораат добро платени работни места за граѓаните.“

Според планот за работа оваа компанија очекува да произведува околу 3000 автомобили годишно кои ќе бидат пласирани на домашниот и на странскиот пазар.

На поставувањето камен темелник присуствуваа речиси сите министри од Владата, пратеници, функционери, лидери на политички партии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.