Граѓаните ги препознаваат реалните ветувања, наспроти популизмот. Довербата ни е ветер во грб, за да ги реализираме проектите кои на народот ќе му донесат поквалитетен живот. Чуда се невозможни, во услови на опустошен буџет како што имаме во моментов. Но, според платформата „Платформа 1198“ предвидени се реални проекти во различни сфери, кои ВМРО-ДПМНЕ се обрзува дека ќе ги оствари во следните четири години.

Ова во интервју за Фактор го најавува Сања Божиновска, меѓународен експерт за енергетика и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа смета дека енергетиката е сектор кој се планира долгорочно и Македонија мора да има долгорочна енергетска стратегија.

„Најпрво мора да се види работењето на ЕСМ, сите тендери кои се договарани во четири очи, што се е набавено и целокупното работење на енергетските капацитети“, вели Божиновска.

Фактор: Со оглед на расположението на гласачите во првиот круг од претседателските избори, веќе станува се поизвесно дека новата влада во земјава ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ. Вие сте членка на Извршниот комитет на таа партија, па би сакала да Ве прашам, кои се, според Вас, најголемите предизвици со кои ќе се соочи новата власт во делот на економијата, кои се оние проблеми кои ургентно ќе мора да се решаваат?

Божиновска: Изборите ја покажаа волјата на народот за промена на власта и казна за досегашната недисциплинирана фискална политика на СДСМ и ДУИ. Граѓаните ги препознаваат реалните ветувања, наспроти популизмот.

Довербата ни е ветер во грб, за да ги реализираме проектите кои на народот ќе му донесат поквалитетен живот. Најголемите два предизвика со коишто ќе се соочи новата влада се инфлацијата и значајно нарушениот фискален простор, тука мислам на истрошениот буџет и високиот јавен долг.

Македонската економија веќе има висок трошок од ненавремено справување со инфлацијата од страна на Владата во заминување и затоа новата влада мора да го стави како прв приоритет справувањето со инфлацијата. Растот на платите и пензиите беше нивелиран со превисоките цени. По одмрзнувањето на цените, месечната стапка на инфлација во март беше 1 отсто, а годишната стапка на инфлација 4 отсто, а пак базичната стапка на инфлација без варијабилните цени на храната и енергијата годишно е зголемена за 5,1 отсто, т.е повисока е од вкупната годишна стапка на инфлација. И што покажува ова? Инфлациските очекувања не се смирени и постојат сѐ уште фактори коишто условуваат раст на цените. Потребна е поагресивна битка со инфлацијата. Ова вклучува идентификување на домашните фактори кои во континуитет предизвикуваат дивеење на цените, нивно ставање под контрола и побрза примена на Законот за нефер трговски практики. Исто така, потребна е и појасна комуникација со јавноста од страна на централната банка дека ако не се смири инфлацијата каматите на кредитите ќе останат високи, а со тоа и трошоците на фирмите, што во крајна истанца би ја влошило ликвидноста на фирмите, би ги намалило изгледите за нови приватни инвестиции и изгледите за подинамичен економски раст. Населението исто така има зголемени трошоци за камати, што го намалува расположливиот личен доход, којшто пак се јаде и од инфлацијата. За да се смири инфлацијата потребно е да се смири растот на трошоците на фирмите, на пример платите треба да растат согласно растот на продуктивноста, а не на вештачки начин којшто креира постојано раст на малопродажните цени. Истовремено фирмите треба да разберат дека добивањето на краткорочни профити заради инфлацијата, на долг рок е погубно за нив. Исто така, мора да ги задржиме работоспособните граѓани и да имаат конкурентни работни места во Македонија. Што се однесува до јавниот долг, бројките се поразувачки и се зголемуваат секојдневно, ќе мора набрзо да ги видиме вистинските бројки и да ја знаеме реалната состојба. За сите овие вистински реформи да се остварат потребно е и независно судство и владеење на правото, кои се императив за да се движи Македонија напред.

Целото интервју  на „Фактор“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.