Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска одржа работен состанок со претставници на Делегацијата на германското стопанство (АХК) во земјава, на кој се зборуваше за повеќе теми и прашања, а кои се поврзани со унапредувањето на деловното работење на германските компании.

На состанокот се зборуваше околу потребата за хармонизација на царинската регулатива со таа на Европската Унија (ЕУ), при што беше оценето дека е од голема важност за понатамошно олеснување на работењето на извозно ориентираните производствени компании.

„Создавањето на инклузивно и динамично деловно опкружување кое ќе води кон одржлив економски раст и развој, бара конзистентно следење, односно усвојување на европските стандарди и регулативи во делот на царинските тарифи. Хармонизацијата со европските царински тарифници во делот на основните суровини кои се употребуваат во производството, може да ослободи додадена вредност во нашата економија“, рече вицепремиерот Битиќи.

Либерализацијата на пазарот на работна сила, беше уште една од темите за која стана збор на работниот состанок со претставниците на дел од германските компании кои имаат инвестирано во земјава, при што вицепремиерот Битиќи посочи дека Владата ја препознава оваа потреба со која се соочуваат како домашните така и странските компании, за што донесе и одлука да ја зголеми квотата на работни дозволи за странци.

„Со цел олеснување  на пристапот на домашните и странските компании во земјава до квалификувана работна сила која ќе може веднаш да се вклучи во производството, Владата на претходната седница донесе одлука за зголемување на квотата на работни дозволи за странци од 5.000 на 7.000 дозволи“, информираше вицепремиерот Битиќи, притоа истакнувајќи ја подготвеноста преку дијалог со стопанството да се продолжи во насока на понатамошно олеснување на достапноста на квалификувана работна сила и олеснување на процедурите.

Вицепремиерот Битиќи ја истакна важноста од водењето на отворени и конструктивен дијалог преку работни средби, како оваа што се одржа со АХК, со странските компании кои имаат инвестирано во земјава, затоа што, како што оцени тој, тоа води кон поттикнување на економскиот раст и развој и создавање на можности за достоинствено платени работни места.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.