Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи одржаа заедничка прес-конференција по повод новите договори по Законот за рамномерен регионален развој (РРР).
Вицепремиерот Битиќи истакна дека одржливиот и инклузивен рамномерен регионален развој е од витално значење за државата, дека тој ја поставува основата на просперитетот на општеството, ја поттикнува еконмската стабилност и ги намалува социо-економските разлики.
„Затоа и Влада на Република Македонија на 199-та Седница, која се одржа на 14 ноември годинава, донесе четири Одлуки со кои од Буџетската програма за рамномерен регионален развој се обезбедуваат 800 милиони денари или околу 13 милиони евра за 129 проекти со кои го поддржуваме инклузивниот регионален развој на создавање на можности за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во урбаните и руралните средини во сите 80 општини, во осумте плански региони. Принципот на распределба на буџетските пари е обратно пропорционален на развојот, односно најмалку развиените општини и региони добиваат најмногу финансиски средства“, рече виепремиерот Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека 440 милиони денари или над 7 милиони евра се одобрени од Владата за 29 регионални проекти кои ќе се реализираат преку осумте плански региони, додека пак 360 милиони денари или околу 6 милиони евра се наменети за 100 локални проекти кои ќе се реализираат преку единиците на локалната самоуправа, а ги опфаќаат сите 80 општини, притоа нагласуваји дека на овој начин се намалуваат разликите во можностите за економски и социјален развој на граѓаните помеѓу урбаните и руралните средини.
„Фокусирајќи се на развојот на селата низ целата земја, со Одлуката за доделување на средства за финансирање на проекти за развој на села Владата одобри 120 милиони денари или два милиони евра за 39 проекти, кои ќе го забрзаат руралниот развој и ќе допринесат во премостувањето на јазот меѓу градовите и селата. Станува збор за проекти кои во главно се насочени кон развој на руралната локална комунална инфраструктура, локални патишта, инфраструктура за водни услуги, зголемување на капацитетите за управување со отпад во селата низ државата, набавка на механизација за локални јавни претпријатија, регулација на речни корита и атмосферски канализации, како и за други инфраструктурни проекти кои на нашите граѓани кои живеат во селата ќе им го унапредат квалитетот на животот“, рече вицепрмеиерот Битиќи.
На прес конференцијата вицепремиерот Битиќи информираше дека инклузивниот пристап во поттикнувањето на рамномерниот регионален развој на Владата може да се согледа и преку Одлуката за доделување на средства за финансирање на проекти за развој на урбани подрачја, со која се одобрени 2 милиони евра за финансирање на 29 проекти за развој на урбаните подрачја во сите осум плански региони.
„Владата донесе Одлука за доделување на средства за финансирање на проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби 120 милиони денари со кои општини и невладини организации од целата држава ќе реализираат 32 проекти кои ќе бидат фокусирани на задоволување на специфичните развојни потреби на локалните заедници, а кои се однесуваат, помеѓу другото, и на заштита и развој на културните обележја, развој на содржини за млади, студија за изводливост на енергетска ефикасност во градинки и проекти за заштита на животна средина“, рече вицепремиерот Битиќи.
„Годината ја заокружуваме со отпочнување на нови 129 проекти во вредност од 13 милиони евра во општините во сите осум плански региони во државата кои што се финансираат од Буџетот на државата преку Програмата за рамномерен регионален развој. Покрај овие проекти, преку буџетската Програма за намалување на диспаритетите во планските региони и меѓу општините оваа година финансиравме дополнителни 6 проекти во вредност од 50 милиони денари. Во општините, Владата ги кофинансира и проектите за прекугранична соработка кои што исто така имаат влијание на развојот, а и другите надлежни министерства преку своите програми финансираат многу важни проекти иза изградба на патна инфраструктура, водоводи, училишта, со што оваа Влада успеа да обезбеди над 1% од Бруто домашниот производ, средства кои што ги насочува за намалување на разликите и за побрз развој на општините и на планските региони“, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов, кој што истакна дека Владата со своите политики води сметка за рамномерниот развој и инвестира во сите општини, водејќи сметка за степенот на развиеност и за решавање на приоритетните прашања за граѓаните.
Министерот за локална самоуправа рече дека Владата во соработка со донаторската заедница има обезбедено и дополнителна експертска и финансиска поддршка за општините за изработка на техничка документација за големи проекти, со цел општините да можат да обезбедат финансиски средства од буџетот на државата но и од Евреопската Унија, од Светска Банка и од други финансиски институции за реализација на капитални инфраструктурни проекти. Веќе се работи со првите десет општини, а ќе следуваат уште два јавни повика на кои што можат да аплицираат и другите општини.
Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи истакна дека главната цел е да се поддржи развојот на економските, социјалните и инфраструктурните услови во сите општини, овозможувајќи им на сите граѓани можност за напредок и развој во сите региони на државата.
„Како институција имаме тесна соработка со министерството за локална самоуправа и другите линиски министерства, имаме голема поддршка од Кабинетот на вицепремиерот Битиќи, со цел да ги интегрираме развојните стратегии во широкиот контекст на државната политика. Преку нашите активности ги помагаме регионите и општините да се здобијат со потребните ресурси и инвестиции за да можат да напредуваат и да ги надминат предизвиците кои се пред нив. Денеска потпишавме договори во вредност од 800 милиони денари.
Како институција бележиме значителни успеси во поддршката за инфраструктурни и развојни проекти во осумте плански региони, што директно влијае за подобрување на животот и условите на нашите граѓани. Во иднина планираме да продолжиме со јакнење на соработката со локалните власти, како и со сите релевантни институции и организации за да го зголемиме влијанието на развојните активности врз подобрувањето на животот во сите региони и намалување на разликите меѓу нив, меѓу регионите и општините“, рече директорот Реџепи и нагласи дека ќе се продолжи со адаптирање на стратегијата на Бирото според промените во потребите и предизвиците на различните региони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.