Поради енергетската криза, како и војната во Украина, растат цените на храната на светските пазари што се отсликува со зголемени цени на прехранбени производи и зголемена инфлација во регионот и Европа, вели вицепремиерот задолжен за економски прашања и инвестиции Фатмир Битиќи.
Според него, „навремено преземените мерки на Владата, како замрзнување на трговски маржи во трговијата, намалување на стапката на ДДВ од 10% на 5% кај основните прехранбени производи, субвенционирањето на електричната енергија на производителите на прехранбени производи, како и замрзнувањето на цените на основните производи во маркетите кои се со „гарантирана цена“, даваат реални резултати“.
Поради сето ова, во октомври имавме пад на инфлацијата на 3,5%, од рекордните 19,8 во октомври минатата година. А денеска угледниот сајт www.tradingeconomics.com, забележува дека Cеверна Македонија е единствена во регионот и Европа со пад на цените на храна од 4,36%. За споредба, во непосредното опкружување и регионот, Србија бележи раст на цените на храната од 10,5%, Албанија 7,8%, Бугарија 7,6%, Грција 9,93%, Косово 3,9%, Црна Гора 3,8%, Хрватска 8,7%, Романија 8,66%, Босна и Херцеговина 6,24%, Турција 71,99%, Словенија 7,32%. Земено пошироко, Обединетото Кралство има раст на цените на храната од 10,1%, Германија 6,36%, Франција 7,8%, Италија 6,5%, Шпанија 9,5%, Холандија 7,8%, Белгија 9,46%, Австрија 8,36%, Чешка 3,7%, Полска 8%, Словачка 9%, Португалија 4,35%, Литванија 5,6%, Латвија 4,3%, Шведска 6,63%, Норвешка 8,54%, Швајцарија 3,3%, Ирска 7%, Исланд 11,7%, Финска 4%, Естонија 6,7%, Кипар 5,46% итн. Ова е уште една потврда дека оваа Влада се грижи за граѓаните и граѓанките на оваа земја и дека прави максимални напори во борбата со растечките цени на храната на светските пазари со цел да го заштити животниот стандард, и истиот во исто време да го унапреди преку константно зголемување на пензиите, и на минималната плата, истовремено креирајќи поволна и предвидлива бизнис клима каде растот на платите во приватниот сектор ќе продолжи и понатаму. Дополнително, со носење на новиот Закон за нефер трговски практики, ќе се ограничат појавите на волунтаристички и неетички бизнис практики, кои дополнително ќе ги заштитат граѓаните, објави тој на своите социјални мрежи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.