Министерот за економија, Крешник Бектеши објави видео со конечно добредојде за трансформаторот кој долго патува од Турција преку Грција за РЕК Битола.

– Целосно подготвени за зимата… после повеќе години РЕК Битола работи на фул капацитет!- објави Бектеши.

Транспортот на 400-киловолтниот трансформатор, тежок 240 тони, се вршеше по пат низ Турција, потоа бродски и патен транспорт низ Грција, и конечно од преминот Меџитлија стигна во РЕК Битола.

Носечката единицa од трансформаторот за Блок 3 во РЕК Битола пристигна во кругот на комбинатот, информираат од АД ЕСМ.

-Следува фаза на монтирање и процес на пуштање во производство на блокот во следните десетина дена. Со тоа се создава можност во јануари да работат сите три блока во РЕК Битола, како и сите други електрани со максимален капацитет, соопшти ЕСМ.

Производството на АД ЕСМ, се посочува во соопштението, во моментот достигнува речиси 19.000 мегават часови електрична енергија дневно и со него се покрива целосно регулираниот пазар, односно домаќинствата и малите потрошувачи, како и најголемиот дел од дополнителните снабдувања по одлуки од Владата.

-Само мал дел електрична енергија се набавува. Со третиот блок планирано е производството уште повеќе да се зголеми, посочуваат од АД ЕСМ



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.