Министерот за економија Крешник Бектеши во рамки на посетата во САД заедно со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и извршниот директор на НОМА ГАС Бајрам Реџепи, одржаа работен состанок со претставници на Управниот одбор на Американската-централно европска бизнис асоцијација (АЦЕБА) каде ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија.

Министерот Бектеши на состанокот кажа дека САД се еден од најголемите странски инвеститори во земјата и дека во Македонија успешно работат неколку американски компании од автомобилската индустрија.

Трговската размена и севукупната билатерална соработка помеѓу САД и Македонија бележи раст во последната деценија, кажа министерот Бектеши и додаде дека потенцијалите за продлабочување на економската соработка помеѓу двете земји како и за зголемување на инвестициите се големи.

Министерот Бектеши истакна дека Македонија е веќе препознаена од страна на други инвеститори како стабилна и безбедна дестинација за инвестирање, и ги информираше претставниците на АЦЕБА за можностите и бенифициите за странските инвеститори во земјата.

“Според актуелната законска регулатива, вкупната финансиска поддршка која може да биде исплатена на странските инвеститори во земјата, не може да надмине 50% од висината на реализираните оправдани инвестициски трошоци. Имаме големи олеснувања за странските инвеститори, како што се повратот на инвестициските трошоци, ослободувањето од плаќање комунални такси на локалната самоуправа и такси за земјиште за одобренија за градба, како и олеснувањата во однос на даноците“ кажа Бектеши.

Министерот додаде дека Владата воспостави економска структура за привлекување на нови странски инвестиции која функционира, која испорачува резултати, а за тоа доказ се податоците за  историски рекордна вредност на странски директни инвестиции минатата година.

„Владата на Република Македонија постави системски основи на економскиот раст и развој, довербата на инвеститорите ја стекнуваме преку стабилни и транспарентни правила за поддршка на инвестициите, содржани во „Планот за економски раст“ кој беше усвоен во 2017 година. Успеавме да воспоставиме систем на привлекување и поддршка на инвестициите кој ги препознава и задоволува потребите на сите странски инвеститори“ кажа Бектеши пред претставниците на АЦЕБА и додаде дека Владата ќе продолжи да работи на подобрување на условите на странските инвеститори кои што веќе работат во земјата, но и на креирање на политики за привлекување на нови.

АЦЕБА е водечка американска бизнис асоцијација фокуситана на соработка со земјите од Централна и Источна Европа.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.