Белгиската компанија „ Avesta Battery and Energy Engineering (АBЕЕ)“ ќе гради фабрика за производство на електрични батерии за автомобили во ТИРЗ Кичево.

Вкупната инвестиција ќе изнесува 40 милиони евра, а ќе бидат отворени 600 нови работни места.

Договорот за  реализација на инвестицијата денеска во Брисел го потпишаа директорот на Дирекцијата за технолошко развојни индустриски зони, Јован Деспотовски и сопственикот и генерален директор, АБЕЕ, Нешин Омар.

На церемонијата на потпишување на договорот присуствуваше и министерот за економија, Крешник Бектеши.

Министерот за економија Крешник Бектеши му честиташе на менаџментот на ТИРЗ за успешно завршена работа во делот на привлекување на нови инвестиции.

Владата донесе нова легислатива за инвестиции во земјата која што е предвидлива за инвеститорите пред се во делот на воведување на нови технологии за електрични возила што е тренд во светот. Она што е важно да се каже за оваа инвестиција на компанијата АБЕЕ е што ќе се реализира во зоната во Кичево и во сите фази ќе бидат отворени 600 работни места. Тоа ќе значи намалување на миграцијата и отворање на нови висококвалификувани и високоплатени работни места не само за локалното население туку и за целата земја”, кажа министерот Бектеши.

Министерот потенцираше дека исто така од голема важност е тоа што кадарот кој што ќе биде вработен во фабриката во Кичево ќе помине на процес на обука за воведување на нови технологии и примена на високо технолошки работни процеси кои што ќе се имплементираат во фабриката на АБЕЕ во Кичево.

Не застануваме тука, во завршна фаза се преговори за нови инвестиции во земјата кои ќе значат ќе нови вработувања и развој на целокупната економија”, кажа Бектеши.

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски изрази задоволство за потпишувањето договор со компанија која е активна во индустријата на 21 век, на електрични возила.

Станува збор за брзорастечка компанија која вложува во напредни технологии. Севкупниот план е инвестиција од 40 милиони евра и 600 работни места. Просечната бруто плата ќе изнесува 1500 евра. Она што особено ме радува е дека просечната возраст на вработени во оваа компанијата сега е од 30 до 35 години и тие доаѓаат од 23 националности. Компанијата привлекува таленти од цел свет и верувам дека и фабриката во Македонија ќе стане хаб во кој ќе се привлекуваат вакви таленти, особено млади луѓе.

 

Со ова отвораме ново поглавје. Носиме инвестиции кои не само што носат повисока додадена вредност туку и се брзорастечки.

Со ова Македонија ја ставаме не само на мапата земји кои имаат капацитет за големи инвестиции туку и за инвестиции на 21 век”, кажа Деспотовски.

Сопственикот и генерален директор на АБЕЕ, Ношин Омар кажа дека е воодушевен што влегува во ова партнерство со Македонија.

Овој проект претставува клучна и пресвртна точка во стратегијата за експанзија на АБЕЕ и е потврда на нашата заложба за изнаоѓање на технолошки иновации и решенија за енергетска одржливост. Убедени сме дека оваа фабрика ќе придонесе за економскиот раст на Македонија  и уште повеќе ќе ја зацврсти позицијата на АБЕЕ како глобален лидер во индустријата за батериски менаџмент системи”, кажа  Омар.

 

„Авеста Батери и Енерџи инженеринг“ во ТИРЗ Кичево ќе се фокусира на развој и производство на Батериски менаџмент системи (БМС) и системи за енергетска електроника. Производството се планира да започне во 2024 година, а производниот капацитет на компанијата ќе биде 300.000 единици годишно. Дополнително оваа компанија планира да развие и нова палета на производи кои ќе го прошират портфолиото на производи на АБЕЕ.

„Авеста Батери и инжинеринг“ е инженерска компанија специјализирана за изнаоѓање напредни иновативни решенија за батерии и батериски системи за автомобилски и стационарни апликации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.