Справувањето со тековните предизвици не треба да ги стави на чекање структурните реформи. Напротив, напоредно треба да се продолжи со нив, бидејќи тие се оние кои ќе дадат долгорочни резултати, порачаа гувернерката на Народната банка (НБ), Анита Ангеловска-Бежоска и потпретседателката на Европската инвестициска банка, Љиљана Павлова на заедничката прес-конференција одржана по повод почетокот на 8. Истражувачка меѓународна конференција на НБ, насловена „Јакнење во време на криза: улогата на политиките“.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека по цела декада ниска инфлација, сега скоро сите економии забележуваат повисоки стапки.
Околу половина од економиите во развој забележаа инфлација повисока од 7 отсто, или највисоко ниво во изминатите две децении, додека, последните податоци покажуваат дека ценовните притисоци можат да траат подолго од очекуваното, рече таа.
Нагласи дека меѓународните финансиски институции ги зголемуваат проекциите за инфлацијата, додека ги намалуваат очекувањата за годинешниот раст. Сепак и со најновите проекции, како што кажа, се очекува позитивен економски резултат, како во глобални рамки така и во домашната економија.
Сега, централните банки мора да се фокусираат на нивниот основен мандат за одржување на стабилноста на цените, што бара постепено нормализирање на монетарната политика, додека краткорочните ефекти од кризата треба да се решаваат со користење алатки на фискалната политика, кои треба да бидат добро насочени и временски ограничени. Има многу фактори кои можат да придонесат кон подобрување на вкупниот економски резултат – конкурентноста на економијата, квалитетот на човечкиот капитал, квалитетот на институциите, иновациите и технолошката подготвеност. Потребни се структурни реформи и ќе потенцирам – справувањето со тековните предизвици не треба да ги стави на чекање структурните реформи, напротив напоредно треба да се продолжи со нив, бидејќи тие се оние кои ќе дадат долгорочни резултати- посочи Ангеловска-Бежоска.
Истакна дека централните банки можат да обезбедат поддршка во некои од овие сегменти, како регулаторни олеснувања за поголема дигитализација кај финансиските услуги и финансиски иновации, во насока на зголемување на продуктивноста, како и за предизвиците од климатските промени, коишто влијаат врз капацитетот за раст, движење на цените и финансиска стабилност. Тие, како што посочи, се наоѓаат високо на агендата и на нашата централна банка, односно се поставени како стратегиски цели и веќе се реализираат повеќе активности во таа насока.
Потпретседателката на ЕИБ, Павлова, рече дека како организација се подготвени да ги поддржат земјите од Западен Балкан во надминувањето на предизвиците кои ги наметнува тековната ситуација предизвикана од конфликтот во Украина.
Исто како што пандемијата создаде итност за дигитализација, сегашната криза ја охрабрува зелената транзиција кон енергетска ефикасност, обновливи извори, зелено управување и иновации погодни за климата. Како банка на Европската унија, која поддржува проекти од аспект справување со климатските промени, ЕИБ планира да даде поддршка и за земјите од Западниот Балкан. Покрај финансирањето на изградбата на посигурни и разновидни енергетски мрежи, му помагаме на регионот и да ја зголеми отпорноста кон климатските промени, како и да развие нови одржливи проекти во рамките на „Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан“. Минатата година, ЕИБ стави на располагање 257 милиони евра за поддршка на декарбонизацијата и транзицијата кон зелена економија во регионот – рече Павлова.
Нагласи дека високо на агендата треба да биде и одржливото земјоделство, особено производството на храна и истакна дека ЕИБ има значително искуство во оваа област.
Ова е особено важно имајќи ги предвид влијанијата на војната во Украина кои најверојатно ќе влијаат на глобалниот земјоделски пазар. Затоа, ние сме подготвени да поддржиме проекти кои ќе им помогнат на земјите кои се позависни од увоз на храна да го зголемат своето домашно производство и да ја подобрат вкупната понуда – рече Павлова.
Нагласи дека во јуни или јули годинава ќе се знае кои конкретни проекти ќе ги поддржи ЕИБ во земјава и додаде дека банката има предложен план од 4 милијарди евра за поддршка на земјите од Западен Балкан за справување со последиците од конфликтот во Украина, кој наскоро треба да биде одобрен.
На меѓународната конференција, која се организира во исто време кога Народната банка прославува 30 години монетарна самостојност има над 40 учесници – гувернери и членови на бордови на централни банки, високи претставници од меѓународни финансиски институции и претставници на академската заедница од кај нас и од странство. Се дебатира за клучните предизвици за економиите во регионот, поврзани со пост-пандемиската нова нормала – со осврт на приспособувањата на политиките по пандемијата, како и влијанијата од зголемената несигурност што произлегува од ескалацијата на геополитичките ризици во Источна Европа, но и за позначајните „структурни предизвици“ како климатската транзиција, економската отпорност и финансиската вклученост.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.