Очекувањата се дека инфлацијата и до година ќе се намалува со натамошно стабилизирање на цените на храната и енергијата на светските берзи, во отсуство на поголеми надворешни и домашни шокови. На среден рок, стапката на инфлација би се свела на историскиот просек од околу 2 отсто. Во следниот период треба да им се посвети внимание на структурните политики со кои би се зголемило домашното производство и би се намалила чувствителноста на домашната економија на некои идни потенцијални шокови, вели гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Како што соопштија од кабинтетот на гувернерката, Ангеловска-Бежоска во интервју за Слободна ТВ, зборувајќи за најновите податоци за инфлација, посочила дека од четвртото тримесечје лани, кога во октомври беше достигната највисока стапка од околу 20%, се забележува постојано намалување на стапката на инфлација.
-Последните статистички податоци од октомври, па и ноември, со стапки од 3,5%, односно 3,1%, го покажуваат трендот на намалување. Нашите последни, октомвриски проекции предвидуваат дека просечната годишна стапка на инфлација за 2023 година ќе биде околу 9,5%. За следната година, се разбира под претпоставка дека нема да има некои поголеми надворешни, но и домашни шокови, очекуваме продолжување на овој тренд при што, на среден рок, би се постигнал историскиот просек за нашата економија од околу 2%, истакнува Ангеловска-Бежоска и дополнува дека очекувања на Народната банка се многу слични со оние на Европската централна банка за движењата на инфлацијата во еврозоната и ЕУ, којашто очекува постигнување на целната инфлација од 2 отсто во текот на 2025 година.
Ангеловска-Бежоска, се додава, посочила дека поставеноста на монетарната политика придонела кон намалување на инфлацијата. Како и останатите централни банки од почетокот на кризата, и нашата централна банка започнала со затегнување на монетарната политика, уште на крајот на 2021 година преку операциите на девизниот пазар.
-Започнавме поумерено, како што главно правеше централнобанкарската заедница, а потоа и со посилни затегнувања на монетарната политика со каматните стапки. Имајќи ја предвид структурата на нашата економија и нашиот финансиски систем, ние не се ограничивме само на делување преку каматните стапки, туку активно влијаевме и преку ликвидносниот канал, а ги користевме и останатите монетарни и макропрудентни инструменти, коишто ги имаме на располагање, подвлекла гувернерката.
Инфлацијата зависи од многу варијабли, затоа клучно е да се водат претпазливи макроекономски политики, за да се задржат позитивните трендови и на подолготрајна основа да ја стабилизираат инфлацијата и инфлациските очекувања, кажала Ангеловска-Бежоска.
Притоа, истакнала дека е многу важно преку структурните политики да се придонесе за зголемување на понудата и да се усогласи со побарувачката, со што ќе се намали ранливоста на домашната економија, којашто како високо отворена економија со трговска отвореност 140% од БДП, е исклучително подложна на шокови.
-Покрај тоа што сме зависни од увоз на енергија, нашата економија има ниска енергетска ефикасност, односно за производство на една единица БДП трошиме трипати повеќе енергија во однос на ЕУ. Како дополнителни фактори коишто влијаат врз инфлацијата се посочуваат и степенот на ефективна конкуренција, односно во економиите каде што има поголема ефективна конкуренција и ценовниот притисок е помал, како и состојбите на пазарот на трудот. Доколку се дејствува кон сите нив, преку структурни политики, би се зголемила отпорноста на економијата, навела гувернерката Ангеловска – Бежоска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.