Граѓаните да бидат многу внимателни, да проверуваат по неколку пати на е-платформите дали е вистински производот што се продава и да се консултираат со луѓе на кои им веруваат, лекари, фармацевти,…, за да бидат сигури дека тоа што го купуваат е сигурно за употреба, апелира денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Одговорајќи на новинарски прашања во врска со честите измами на интернет, Андоновски напомена дека е многу важно во вакви случаи граѓаните веднаш да пријават за институциите брзо да интервенираат.

Интернет измамите, како што рече министерот, се феномен со кој се соочуваат сите држави, а со оглед дека станува збор за независnи платформи како фејсбук, инстаграм и тик-ток врз кои земјите немаат регулаторна контрола, мора да се најдат хибридни или „странични“ начини за справување.

-Многу е значајно луѓето кои се злоупотребени да пријавуваат, но и лицата, модерно наречени инфлуенсери, доктори , јавни личности,…, кога ќе забележат дека нивниот идентитет е украден или злоупотребен, тоа да го пријавуваат за да можеме веднаш да реагираме. Постои сега и нов феномен на инстаграм со формирање лажни профили на јавни личности. Тоа е нешто со кое сите се соочуваме, но брзото реагирање кон државните институции и кон платформите, овозможува тие профили да се симнат многу брзо. Интернет измамите се феномен со кој се соочуваат и граѓаните во Македонија, но и во целата Европската унија. Остануваме отворени за граѓаните да пријавуваат кога ова ќе се случи, но многу повеќе треба да работиме на градење вештина за препознавање и во таа насока е и центарот за побезбеден интернет на кој работиме и кој ќе биде ресурс за граѓаните, особено за помладите, да можат да препознаваат ваков тип измами на интернет, истакна Андоновски пред почетокот на регионална конференција за е-трговија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.