На денешната прес-конференција во Медија центарот во Владата на Република Македонија се обрати соработникот за енергетика, Виктор Андонов на којашто ги презентираше последните информации поврзани со енергетската состојба во нашата земја.

„За периодот од почетокот на 2022 година, па до 19-ти декември, во споредба со истиот период претходната година имаме зголемување на домашното производство на електрична енергија од ЕСМ и ТЕЦ Неготино за 26%. Имено, во истиот период во 2021 година ЕСМ и ТЕЦ Неготино произвеле 3.130 GWh електрична енергија, додека за истиот период оваа година ЕСМ и ТЕЦ Неготино произвеле вкупно 3.946 GWh електрична енергија. Очекуваме до крајот на годината производството на електрична енергија од ЕСМ и ТЕЦ Неготино да надмине 4100 GWh. Тоа значи дека целите кои Владата ги постави, на почетокот на енергетската криза се остваруваат. На самиот почеток основна заложба на целиот енергетски тим, беше да се зголеми домашното производство на електрична енергија и како што бројките тоа го покажуваат, се остварува.“ рече Андонов.

Андонов го презентираше и дневниот енергетскиот биланс со којшто редовно и на дневна основа се информираат граѓаните.

„Вкупното производство на електрична енергија изнесува 17.385 MWh, од кои во термоелектраните произведени се 11.897 MWh електрична енергија, а од обновливи извори 5.488 MWh електрична енергија. Со ова производство во целост задоволени се потребите за домаќинствата и малите потрошувачи, додека набавени се 1.120 MWh електрична енергија, за болници, градинки, училишта, јавни претпријатија, капацитети од прехранбената индустрија и објекти од виталната инфраструктура во државата. Од секојдневните прегледи, може да се заклучи дека домашното производство е во пораст, додека набавките се намалуваат.“ додаде Андонов.

Во однос на состојбата на енергетскиот систем, Андонов подвлече дека во моментот системот е стабилен, се следи состојбата и упати благодарност до сите вработени во ЕСМ и ТЕЦ Неготино за нивната посветена работа да ја обезбедат стабилноста на енергетскиот систем, кои секојдневно се наоѓаат во рудниците, во термоелектраните и хидроелектраните, а се соочуваат со огромен притисок предизвикан од енергетска криза која трае повеќе од една година.

„Солидарноста е клучна за полесно надминување на кризата, за да им помогнеме на луѓето кои секојдневно ни ја обезбедуваат електричната енергија која ја користиме и во напорите што ги вложуваат, мора и ние секојдневно да вложиме напори и рационално да ја користиме електричната енергија, посебно сега во текот на овие постудени денови што ги имаме во декември и во месеците кои следуваат.“ рече Андонов.

На крајот од своето обраќање соработникот за енергетика, Виктор Андонов рече дека во тој правец се и напорите што државните институции секојдневно ги прават, штедат сериозни количини на електрична енергија, согласно задолженијата кои Владата ги донесе во текот на септември годинава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.