На фејсбук страницата „Zeolit MK“ нелегално се продава додаток во исхраната „Zeo Medic“, деклариран како диететски. Станува збор за додаток во исхраната кој не е одобрен/регистриран и за кој нема гаранција дека е безбеден, предупредува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
АХВ апелира, граѓаните пред да решат да купат храна или додатоци во исхраната преку интернет или социјални мрежи, да проверат во регистрите што ги води АХВ, https://fva.gov.mk/mk/registri, дали операторите кои ги нудат ваквите производи се регистрирани.
-Ги повикуваме граѓаните да проверат преку регистрите и дали здравствените или нутритивните тврдења кои се истакнуваат на производите се одобрени или не, односно дали производите се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата. До производителите или трговците кои нудат производи преку интернет и социјални мрежи, а кои не се регистрирани, апелираме да го легализираат производството, односно да се регистрираат како оператори со храна, наведува АХВ на својата официјална интернет страница.
Според АХВ, граѓаните не треба да наседнуваат и да купуваат непроверени и небезбедни производи кои се нудат преку социјалните мрежи од нерегистрирани/неодобрени оператори.
За секоја недоследност, потрошувачите можат да ги известат надлежните инспекциски служби на Агенцијата лично, на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22 или електронски, на [email protected], истакнува АХВ.
Агенцијата дополнува и дека е зачестена појавата на продавање непроверени, често и небезбедни производи преку социјалните мрежи од страна на нерегистрирани/неодобрени оператори. За производите нема гаранција за безбедноста поради што може да бидат и опасни по човековиот живот и здравје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.