Одговорно тврдиме, безбедносниот систем за млекото и млечните производи не е нарушен. Покрај лабораториските испитувања, во спроведувањето на Годишната наредба за здравствена заштита на животните за годинава, како дел од повеќегодишните програми за контрола и искоренување на болестите кај животните, вклучително и на бруцелозата, се вршат и клинички прегледи. Лабораториските испитувања се само една од методите за докажување на здравствениот статус на животните на одгледувалиштата.

Ова е реакцијата од Агенцијата за храна и ветеринарство откако Цветан Трипуновски од ВМРО – ДПМНЕ објави дека не е спроведена јавна набавка за лабораториско испитување на болеста бруцелоза.

– Примарната контрола на здравствениот статус на животните на фармите ја имаат сточарите и тие водат сметка за ова. Ја почитуваат законската обврска секоја промена во здравствениот статус на животните да ја пријават до ветеринарните друштва или официјалните ветеринари. Суровото млеко кое влегува во процесот на производство задолжително термички се третира(стерилизира/пастеризира) со што се елиминира и можноста, млеко заразено со бактеријата бруцела да влезе во производството. Оваа бактерија со термичкиот третман на млекото се уништува. Дополнително, врз основа на сопствени контролни програми и контролите кои ги спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство, се контролира и безбедноста на секој готов производ, се појаснува во реакцијата од АХВ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.