АД ЕСМ согласно објавен јавен оглас ќе изврши набавка на електрична енергија за периодот  од 1 до 15 ноември со цел обезбедување на вкупните потреби од електрична енергија за Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, обезбедување на загубите во електродистрибуција и системските услуги за АД МЕПСО, како и оптимизација на производството и акумулациите, информираат од компанијата. Вкупната набавка на електрична енергија, како што нагласуваат, е 44,1 гигават час, односно 28,8 гигават часови базна енергија, 15,3 гигават часови пикова електрична енергија, во период на најголема дневна потрошувачка на електрична енергија.

-Вкупните дневни количини кои треба да ги обезбеди АД ЕСМ изнесуваат 12.050 мегават часови. Потребите од набавка на електрична енергија се адаптирани врз основа на временската прогноза за наредниот период и естимираната потрошувачка во ноември. Набавката на електрична енергија е потребна за зачувување на хидропотенцијалите кои се на ниво на 19 проценти од вкупната акумулирана енергија, што е далеку под просекот за овој период од годината, велат од АД ЕСМ.

Нагласуваат дека внимателно ја следат состојбата и дека ќе ги прилагодуваат потребите од набавка врз основа на сопствениот расположлив производствен капацитет.

-Со оглед на слабиот хидропотенцијал, компанијата ќе продолжи со производство на електрична енергија искористувајќи ги пред сè, своите расположливи капацитети ТЕ Битола 2, ТЕ Битола 3 и ТЕ Осломеј, како основа за производство на базна енергија. Согласно воспоставената динамика и потребите на системот, компанијата ќе продолжи да купува електрична енергија на секои две недели до крајот на годината во согласност со потребите на универзалниот снабдувач и зголемениот конзум во претстојниот период, потенцираат од АД ЕСМ.

Најавуваат дека се планира во втората половина од ноември да се вклучи и ТЕ Осломеј за чии потреби во тек е отворен јавен повик за набавка на 400.000 тони висококвалитетен јаглен за период од шест месеци.

-Станува збор за количини кои АД ЕСМ нема да има обврска да ги набави. Набавката ќе се врши само ако се добијат поволни цени и доколку јагленот е во согласност со параметрите за калоричност, соодветни за термоелектраната Осломеј. Повикот е транспарентно објавен на веб страницата на АД ЕСМ и во два дневни весници, прецизираат од АД ЕСМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.