Синоќа беше активен и пожарот над Битола, но како што изјави Ангелов, не претставуваше опасност за градот.

Поради пожарот од ноќеска се пренасочува сообраќајот од обиколницата Битола, патен правец Прилеп – Ресен, низ градот Битола.

Во гаснењето на пожарот вчера попладне лесно беа повредени двајца пожарникари.

Едниот кој имаше изгореници на дланките и на подлактицата е хоспитализиран во битолската болница, додека другиот беше пуштен на домашно лекување.

Ноќеска заседавал и Кризниот штаб во Битола кој донел неколку одлуки за полесно справување со огнената стихија.

Повеќе од 120 пожарникари, доброволци и возила на противпожарната единица ноќеска беа на терен.

Доколку до утрово пожарот не биде ставен под контрола, Ангелов најави дека тој ќе биде гасен и од воздух.   Во земјава вчера беа активни десет пожари, а попладнето се појавија и нови.

Директорот на ЦУК заедно со претставници на локалните самоуправи беше на терен и во текот на ноќта да ја контролира состојбата со пожарите.

Вчера седница одржа и Управувачкиот комитет за координација на системот за управување со кризи, со која претседаваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а присуствуваа и министрите за одбрана Владо Мисајловски и за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности Стојанче Ангелов, соопшти МВР.

– На седницата беше утврдена потребата да се активираат меѓународните механизми за обезбедување на помош во воздухоплови, кои ќе се вклучат во гаснењето на пожарите кои деновиве ја зафатија државата.

Денеска претпладне од Турција пристигнаа два „ер трактори“ и еден хеликоптер, кои веќе активно работат на терен.

Во текот на утрешниот ден ќе пристигнат два хеликоптери од Словенија и по еден хеликоптер од Србија и од Црна Гора, потенцираше министерот Тошковски.

Директорот на Центарот за управување со кризи Ангелов синоќа изјави дека полицијата веќе има информации за неколку предизвикувачи на пожари.

Зборувајќи за забраната за движење во шума, Ангелов рече дека ниту еден планинар досега не предизвикал пожар и оти пожарите секогаш избувнуваат во близина на урбани средини, ниви или стрништа и дека има и подметнати пожари како во Кавадарци.

-Треба уште еднаш да ја разгледаме оваа одлука затоа што сите пожари започнуваат во близина на урбани средини и на ниви, од стрништа или како што веќе реков на територијата на Кавадарци човек кој што ги подметнал.

Тие луѓе кои што сакаат да предизвикаат пожар нив нема да ги исплаши оваа забрана за движење. Во разговорот со министерот Тошковски и со директорот на БЈБ наидов на разбирање кај нив.

Полицијата ќе даде макимално се од себе во превентивното дејство да имаме засилено движење на полиција, но и репресивно дејство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.