СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против А.Б.(33) и 30-годишната А.С., двајцата од село Мелница, општина Чашка, поради постоење основи на сомнение дека сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик, соопшти денеска МВР.
А.Б., вработен во Управата за водење на матични книги, издавал изводи и поднесувал барања за изводи за лица кои не се присутни во државата, односно за лица државјани на Република Турција, што е спротивно на Законот за водење на матични книги. Тој во период од три години посредувал при поднесување на документација за лица кои сакале да се стекнат со македонско државјанство и од лице се стекнувал со противправна имотна корист од 400 до 800 евра. На тој начин бил оштетен државниот буџет.
А.С., вработена како советник за државјанства во Министерството за внатрешни работи, примала документи – барања за прием во државјанство за лица кои бараат државјанство по потекло, без да бидат присутни и лично да го поднесат барањето, што е спротивно на Законот за државјанство. Таа ја примала целата документација, која претходно била доставувана кај првопријавениот и кој ја доставувал кај неа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.