Лицето кое беше убиено синоќа во Приштина откако непознати лица пукале во неговиот автомобил е македонски државјанин, потврди косовската полиција.

Мажот бил пронајден во возило со македонски регистарски ознаки, а на околу еден километар од местото на инцидентот е пронајдено запалено возило со германски таблички. Во запаленото возило се пронајдени два калашникови со кои се претпоставува дека е извршено убиството.

Полицијата засега нема информации за идентитетот на сторителот или сторителите на убиството.

„Надлежни полициски единици излегоа на местото на настанот, каде што забележаа дека во возило со македонски регистерски таблички се наоѓа едно лице, а надлежен лекар констатира дека лицето нема знаци на живот. Околу еден километар од местото на настанот е пронајдено запалено возило со германски таблички, за кое постои сомневање дека осомничените побегнале од местото на настанот“, се вели во соопштението од косовската полиција.

Косовскиот портал „Индекс онлајн“ доцна синоќа објави и детали, вклучително и идентитетот и фотографија од убиениот. Повикувајќи се на свои извори, тие наведоа дека убиеното лице е со иницијали Б. Д., имал лажни документи кои ги користел и гласеле на име Блерим Шабани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.