На 02.11.2024 во 17.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од ул.„500“ и ул.„401“ во село Марино, скопско, патничко возило „хонда цивик“ со скопски регистарски ознаки, удрило во В.Н.(78) од село Марино, а потоа возилото го напуштило местото на настанот. Во несреќата, од здобиените повреди, на местото на настанот починала В.Н., а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт. По насоки на јавен обвинител телото на почината било предадено на обдукција. Извршен бил увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје и биле преземени низа оперативни мерки за пронаоѓање на возачот и возилото. Прегледани се видео снимки од околни објекти, разговарано е со лице- сведок, како и со лицата кои се сопственици на возилото, кои во службен разговор изјавиле дека го дале возилото на непознато лице без купопродажен договор.

Но, по преглед на снимките од „Сејф сити”, констатирано е дека се работи за лажна изјава на сопственичката на возилото Ј.С. од Скопје, која веднаш е приведена во ПС Гази Баба и признала дека нејзиниот сопруг И.С. (46)  го управувал возилото. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.