Царинската управа информираше дека е спречено криумчарење на над две илјади парчиња разна стока – копачки, парфеми, облека.
- Мобилен тим при контрола на товарно моторно возило на граничен премин Табановце откри и спречи криумчарење на вкупно 17 пара патики копачки од брендовите „Најк“ и „Адидас“, скриени во кабината во пределот на совозачкото седиште.
- На граничен премин Деве Баир, при контрола на автобус кој сообраќа на релација Турција – Косово, под душекот на креветот за одмор на возачите и во багажниот простор се пронајдени непријавени 894 парчиња облека, 125 парфеми и 7 тоалетни води. Производите се запленети, а против возачот е поведена прекршочна постапка.
- Во други четири случаи мобилни тимови спречија обид за криумчарење на над илјада парчиња разна стока, која не била опфатена со увозните декларации. Станува збор за музички инструменти, очила, тротинети, пегли, ранци, сандали, индукциона печка за топење благородни метали, платно во должина од 7.557 метри и други производи. Вишокот производи се запленети, а против сторителите се поднесени прекршочни пријави.
- На граничен премин Меџитлија царински службеници спречија криумчарење на медицински ехо апарат со сонда, откриен при контрола на автомобил со бугарски регистарски таблички. На прашање на царински службеник дали има да пријави нешто за царинска контрола, возачот инаку македонски државјанин одговорил дека нема ништо за пријавување, при што поради сомневање извршена е контрола. При контролата е откриен непријавениот ехо апарат со вкупна вредност од 217.710 денари. Апаратот е запленет а против сторителот се води соодветна постапка.
- Царински службеници на граничен премин Богородица на излез од државата, извршија детална контрола на товарно возило со босански регистарски таблички, управувано од босански државјанин. При контролата е забележано дека царинската пломба e оштетена, по што е извршена контрола на товарниот дел. Притоа, помеѓу стоката натоварена во камионот беа пронајдени 15 илегални мигранти од Кина. Мигрантите и возилото се предадени на Одделот за гранични работи и миграции при Министерството за внатрешни работи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.