Од рано утрово продолжија специјалната акција за пребарување на теренот и водите на Вардар со цел да се пронајде возачот на „голфот“ кој вчера падна во реката кај Тетово.

Службите во моментов немаат точни информации дали возачот бил сам и како се случил инцидентот. Во акцијата вклучени се и специјални екипи од страна на Министерството за внатрешни работи.

Медиуми на албански јазик информираат дека станува збор за 22-годишниот Е.Р. од Куманово и пишуваат дека членови на неговото семејство биле на местото на несреќата и потврдиле дека станува збор за тоа момче.

Од Центарот за управување со кризи доцна попладнето информираа дека повеќе тимови се вклучени во потрагата и дека водите ги пребаруваат нуркачи.

Освен специјализирана екипа од МВР, шест припадници на ТППЕ Тетово и шестмина вработени во Општина Желино во претрагата се вклучени и специјален тим нуркачи од ДЗС Велес. Потрагата е во тек, информираат од ЦУК.

Автомобилот вчера бил извлечен со помош на градежни машини.

Поради брзината, длабочината и заматеноста на водата, возилото во еден дел од речното корито е носено по течението, но за кратко време пропаднало во природен јаз и визуелно не се гледало. Во моментот не може да се одреди дали во возилото имало луѓе и каква е состојбата со нив, објави вчера ЦУК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.