Гром удри во куќа во селото Муртино во 20:50 часот по што се запалила покривната конструкција, која по интервенција на пожарникарите е изгасната. Нема ранети и повредени, информираа од ТППЕ Струмица, од каде интервенирале со едно против пожарно возило и пет пожарникари по силното невреме кое го зафати Струмичко вечерва во 19:30 часот.

– Примена е барање од село Муртино дека гром удрил во покривна конструкција на куќа по што се запалиле гредите, а по нашата интервенција огнот е изгаснат. Покрај тоа, досега имаме три интервенции на испумпување на вода од поплавени дворови и подруми, а други јавувања од граѓаните засега нема, изјави Александар Гудев, командир на ТППЕ Струмица.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов вечерва објави дека по второто невреме било зголемено нивото на вода за околу 25 сантиметри само на дел од улицата „Младинска”, која е една од пониските коти во градот.

– Не можеме денес да го решиме проблемот со нивелацијата, но најитно се заложувам со изработка на проект за реконструкција на улицата и трајно решавање на овој проблем. Дополнително ќе започнеме со дронско снимање на одводните канали за јавно да ги објавиме сите објекти кои се изградени врз одводните канали, а кои предизвикуваат потешкотии во одводнувањето при такви обилни врнежи од дожд, напиша Костадинов на својот фејсбук профил.

Тој ги замоли засегнатите граѓани за разбирање и трпение и вети дека ќе го реши овој проблем.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.