Одбраната на 36-годишната жена, која во Кратово го уби сопругот и свекорот, бара промена на квалификацијата на делото, тврдејќи дека се работи за самоодбрана, пишува МРТВ.

Тие укажуваат дека постојат докази кои потврдуваат дека жената била жртва на насилство со години.

Според одбраната, не се согласуваат со обвинението на Јавното обвинителство во Куманово, кое ја квалификува ситуацијата како убиство со умисла.

Бранителот Георгиевски за МРТВ истакнува дека доказите од истрагата покажуваат дека се работи за самоодбрана, наведувајќи дека постои опсежна документација која докажува дека жената долго време трпела физичко и психичко насилство во семејството.

Има обемна документација која вклучува докази за семејното насилство, учество на органите на редот, времени мерки за заштита, медицинска документација и стручни мислења за повреди стекнати за време на бракот. Нашите стручни лица потврдуваат дека ситуацијата не е класично двојно убиство, како што тврди ОЈО Куманово, туку е случај на нужна одбрана, изјави Христијан Георгиевски.

По барање на одбраната, обвинетата е под домашен притвор, а децата се згрижени кај роднини. Тимови од Центарот за социјални работи во Кратово работат со децата, кои исто така биле жртви на семејно насилство.

Обвинението против жената е веќе на сила, а назначен е Судски совет во Основен суд Куманово. Првата главна расправа се очекува да се одржи наскоро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.