Само осум од вкупно 33 осудени за настаните во кумановско Диво Насеље ги исполнуваат правните услови нивниот предмет да биде испратен во Судот во Стразбур.
Адвокатот Насер Рауфи, за ТВ21 вели дека за останатите осудени треба да се почека на некои правни процедури за прашањето да може да биде испратено во Стразбур.
Рокот за одлучување на Врховен е навистина нонсенс. За ова, правен лек е меѓу 2 и 4 години. Помина повеќе од една година откако го поднесовме, значи овие осудени со правосилна пресуда од Апелација кои немаат доживотен затвор сега чекаат на овој правен лек за да добијат предуслов – право да аплицираат во Судот за човекови права во Стразбур – вели адвокатот Рауфи.
Тој планира од понеделник да се сретне со осудените од Кумановската група и да одлучат и за трансферот на дел од нив во Косово. Иако Рауфи истакнува дека некои од осудените се против тоа.
Јас како адвокат на осум државјани на Косово, до сега двајца од нив за кои и важи трансферот, одбиваат да бидат преместени со образложение дека со таа одлука тие всушност ја признаваат вината дека се терористи и извршиле кривично дело тероризам – вели Рауфи.
Според адвокатот, одлуката на Врховен суд да нема повторно судење за Кумановската група не е оправдана.
Не постои реченица што ќе ја оправда оваа пресуда која практично ги одбива жалбите на одбраната и осудените, за јас да можам да коментирам која е причината зошто нема повторно судење. Практично самиот Врховен суд не објаснува зошто. Доказите што ги предложи одбраната се над 200 и не ги прифати и нема никакво оправдување зошто не ги прифатија жалбите – вели Рауфи.
На 2 јануари, Врховниот суд одлучи да нема ново судење за предметот Диво Насеље или познат и како случај Куманово, оценувајќи ги како неосновани жалбите на осудените. На 2 ноември 2017 Основен суд Скопје ги осуди на вкупно 746 години затвор членовите на Кумановската група, обвинети за тероризам за настаните од 9 и 10 мај 2015 во Куманово. За кривично дело тероризам беа осудени вкупно 33 лица од кои 8 на доживотен затвор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.