Пукната челична сајла од жичницата од Тетово до Попова Шапка може да биде опасна по луѓето, алармираа лани граѓаните, а речиси една година потоа, проблемот не е надминат. Лани во август МИА информираше дека постои опасност оштетената сајла да се искине и да предизвика проблеми доколку падне на патот. Состојбата е иста и сега, сајлите се надвиснати и се забележителни кога се минува со возило под нив.

Уште малку фали до судниот ден кога сајлата „ќе фати“ камион кој се движи по патот Тетово-Попова Шапка или нема да може да пројде. Сајлата е опасна мислам го знаат тоа само игнорираат. Ако не ја поместуваат, барем да ја офарбаат со црвено-бела боја, што се над патот да знаат луѓето и да внимаваат кога поминуваат под сајлите, вели Надир Мурсели, алпинист со големо искуство и во спасувачки операции на планина, кој од лани ја следи состојбата со сајлите.

Хавзи Ризвани, претседател на месната заедница на сопственици со викендички Попова Шапка, вели дека жичницата поминува над населбата, па затоа е важно да се најде решение.

Според мене сега нема некоја голема опасност над патот или над населбата, но со тек на време може да биде опасно за возилата и луѓето што поминуваат, ако се случи целосно да се скине сајлата. Треба да се реши еден ден, да се тргне целата сајла или нешто да се направи. Но освен да се извади цела сајла не гледам што друго може да се направи. Поставена е околу 1998 година, а во време на конфликтот во 2001 година најмногу беше оштетена и од тогаш жичницата не функционира и инфраструктурата пропаѓа, изјави Хавзи Ризвани.

Во август 2023 тогашната управата на ЕЛЕМ Турс која раководи со ски-центарот Попова Шапка, информираа дека жичарницата е во нивна надлежност и во тек се со состојбата. Беше речено дека техничко одговорно лице ја олабавува сајлата одвреме на време за да не се скине, најавија преземање повеќе чекори, поточно чекаат насоки од Машински факултет каде се прават испитувања и за другите жичарници.

Сајлите се на иста висина како досега. Ние сме ги виделе сајлите. Ние ги имаме преземено сите мерки, имам поднесено известување и барање до АД ЕСМ за случајот за да може да се отстранат тие. Требаше да се ангажираат инженери од Машинскиот факултет, тоа оди преку АД ЕСМ од каде имаат склучено договор со Машински факултет. Ние поднесовме барање до АД ЕСМ да ни ги известат инженерите да излезат на терен, да направат некој елаборат за отстранување на истите, затоа што реално го загрозуваат животот на жителите и сообраќајот. Чекаме одговор од АД ЕСМ, што поконкретно е преземено од инженерите, таква е процедурата, сме фирма ќерка на АД ЕСМ. Тоа е голема работа која финансиски влијае, изјави Адем Авзиу, тогашен управител на ЕЛЕМ Турс, а сега Ски-центар Попова Шапка ДООЕЛ Тетово.

Жичарницата Тетово-Попова Шапка е со должина од околу 6,5 километри. Возењето во т.н. воздушни гондоли за четири лица траеше 40 минути, со капацитет од 400 луѓе на час.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.