Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе Предлог за определување мерки на претпазливост против четири лица за кои е поведена постапка за учество во инцидентот кај трговскиот центар „Чаирчанка“ во кој беше повреден еден бугарски државјанин.

Постои основано сомнение дека лицата на возраст од 28 до 32 години учествувале во физичка пресметка со навивачи на бугарскиот фудбалски клуб „Левски“ со што сториле кривично дело – Насилство согласно член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик. Имајќи ги предвид сите околности на настанот, кој беше предизвикан кога бугарските навивачи со две возила се движеле во близина на трговскиот центар “Чаирчанка” и најпрвин влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани, а потоа ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти, јавниот обвинител за осомничените предложи неколку мерки на претпазливост: обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патните исправи, како и забрана за посетување на определено место – спортски натпревари. Лицето за кое постои сомнение дека е директно одговорно за нанесување на тешката телесна повреда на бугарскиот државјанин е идентификувано, но се уште не е лишено од слобода и по него се трага. Обвинителството продолжува да презема дејствија за обезбедување докази со цел целосно расчистување на настанот, велат од Јавното обвинителство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.