Поднесена е кривична пријава за Д.А.(38) од Битола управител на фабрика за одгледување медицински канабис во близина на селото Кравари и вработени во фабриката поради констатирани низа неправилности во поглед на производство, одгледување и складирање на медицинскиот канабис. Сопственикот и двајца вработени се осомничени за изнесување четири килограми марихуана од фабриката, информира Јавното обвинителство.

Полицијата од Битола на 30 март извршила претрес во фабриката и констатирала неправилности во производство, одгледување и складирање на канабисот.

Поднесена е и кривична пријава и против А.Б.(51) од Албанија, со привремен престој во Битола и биточаните А.Ј. (26) и А.Ј.(58), првопријавениот сопственик, а другите двајца вработени во истата фабрика за производство на масло од канабис, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, казниво по член 215 од Кривичниот законик, велат од МВР.

На 30 март оваа година тројцата организирано изнеле две вреќи со четири килограми марихуана од фабриката. Имено, А.Б. ја изнел дрогата, а А.Ј. и А.Ј. ја презеле и ја ставиле во патничко возило, но набргу биле запрени и приведени од полициски службеници. Во врска со случајот, судија на претходна постапка на А.Ј.(26) му одредил мерка притвор од 30 дена.

Обвинителството информира и за друг случај на запленет канабис, за кој сè уште не се знае од каде потекнува, но се претпоставува дека е од некоја од фирмите кои произведуваат канабис за медицински цели, и инспекции работат да го утврдат тоа.

Против три лица е покрената истрага за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.

„Осомничените, на возраст од 37, 21 и 18 години, по претходен договор организирале пренос на наркотична дрога – марихуана. Првиот осомничен ги ангажирал другите двајца и им го дал своето возило на управување. На 5 април сите тројца во два автомобили тргнале од Скопје кон Неготино. Таму осомничениот неовластено набавил над 71 килограм марихуана, спакувана во четири патни торбици. Дрогата ја ставиле во еден од автомобилите и тргнале да се враќаат кон Скопје.

Во текот на истражната постапка, по насоки на јавниот обвинител веќе се преземаат дејствија за да се утврди од каде лицата ја набавиле дрогата. Постапувајќи по предлог на надлежниот јавен обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кавадарци на трите лица синоќа им попредели мерка притвор во траење од 30 дена“ – се вели во соопштението на ОЈО.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.