Кумановското обвинителство извршило увид во сообраќајната несреќа што се случи вчера пред граничниот премин Табановце во која загина 49-годишна жена од Куманово.

Според првичните сознанија на Обвинителството, до несреќата дошло така што прво настанал судир меѓу автомобилите со македонски таблички бидејќи едн од возилата влегло на автопат од недозволена насока, а откако жената излегла од автомобилот, во неа налетало возилото со српски ознаки. Од здобиените повреди, кумановката починала.

-Според првичните сознанија, иницијалниот судар меѓу два автомобили, „Фолксваген поло“ со кумановски и „Фолксваген голф“ со скопски регистарски таблици, бил предизвикан кога најверојатно возачот на еден од автомобилите влегол на автопат во недозволена насока. По тој првичен судар, патничката од кумановското возило излегла од автомобилот и во тој момент на неа налетал автомобил „Опел инсигниа“ со српски регистарски таблици. Од ударот жената се здобила со тешки повреди од кои починала, соопшти Обвинителството.

Обвинителството издало наредба за обдукција на починатата и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници кои во моментот се хоспитализирани со полесни повреди. Собрани се траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа.

Претходно СВР Куманово информираше дека во сообраќајната несреќа што се случи вчера на автопатот Куманово-Табановце на два километри пред граничниот премин, околу 20 часот учествувале три автомобили, од кои едниот со српски национални ознаки.

– Во сообраќајката учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.Н.(59) од Република Србија. Во несреќата, од здобиените повреди починала Љ.Т.(49) од Куманово, сопатничка во возилото „поло“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово, информираше полицијата.

Со тешки телесни повреди се здобиле В.П. и Б. Т, а со телесни повреди се здобил Ѓ.Н. констатирани во болницата во Куманово.

Дел од српските медиуми пренесоа информација дека во несреќата учествувал српскиот музичар Ѓорѓе Давид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.