Убиен е 39-годишен, а повреден 45-годишен маж и двајцата државјани на Македонија, откако непознати маскирани лица пукале во сместувањето во кое се наоѓале во Ханиоти на Халкидики, потврдуваат за дописничката на МИА од Атина, грчки полициски извори.

Истите извори за МИА брифираат дека околу 3.30 часот по локално време, непознати лица, маскирани со fullface маски, веројатно пеш се доближиле до сместувањето во кое биле убиениот и повредениот и однадвор почнале да пукаат.

Од пукањето, 39-годишниот им подлегнал на повредите, а 45-годишниот е хоспитализиран во болницата во Полигиро.

Во сместувањето се наоѓале и други лица, кои не се повредени.

Според информациите на МИА, непознатите сторители веднаш побегнале од местото, а полицијата е на терен, работи на случајот, како и на нивно пронаоѓање.

Во однос на причините и мотивите, полициските извори за дописничката на МИА од Атина велат дека е рано да се носат заклучоци.

Во секој случај не е исклучена можноста да се работи за расчистување на сметки, а полицијата ќе истражи дали повредениот и останатите лица кои биле заедно со него и со убиениот добивале закани.

Како што претходно посочија грчките медиуми, убиен е Охран Бајрами попознат под прекарот Оки, а повреден е Сеад Слезовиќ, двајцата бизнисмени кои биле активни во Македонија со казина и фабрики за пијалоци.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.