Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 4 во врска со член 207 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетата, како лекар-специјалист по општа медицина, била ангажирана со договор за повремени и привремени работи во Јавната установа Специјалистички завод Демир Капија – станбена единица во село Куршеница.

Таму, во периодот од 01.10 до 05.10.2020 година, укажувала лекарска помош заради покачена телесна температура и дијареа на едно оштетено дете, родено 2009 година, сместено во Заводот како лице со тешко нарушување на психо-физичкиот развој и церебрална парализа.

Меѓутоа, спротивно на Договорот, здравствената помош ја укажувала без да изврши непосреден физикален преглед на детето, ординирала терапија и неговата состојба ја следела со телефонски известувања, не дала инфузија, па поради тоа дошло до влошување на здравствената состојба на детето, настанала дехидрираност на неговиот организам и на 05.10.2020 година настапила смрт.​​



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.