Клиника Жан Митрев ќе се приклучи на обвинението за сопственикот на порталот ДоказМ, Марјан Стаменковски како оштетена страна откако Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје охрабри и други евентуални оштетени од вакви кривични дела да ги пријават. Клиниката се приклучува на обвинението поради изнесени бројни невистини за клиниката и за вработените, навредливи и деградирачки квалификации, вршење притисок и изнуда на рекет, информираа денеска од клиниката на Митрев.

„Клучната информација која очекуваме да биде дел од предистражната постапка е дали постоела корелација меѓу објавите на порталот ДоказМ, со работата на истражителите на јавното обвинителство кое ја води постапката против нас. Имено, во неколку наврати порталот ДоказМ објави информации базирани на предистражната постапка во кои ги најавуваше мерките против Клиниката Жан Митрев. ДоказМ ја предвиде мерката блокирање на сметка и забрана за продажба на удели која обвинителството ја побара три дена после објавата на текстот“, велат од клиниката.

Оттаму тврдат дека во текот на подолг период Клиниката Жан Митрев, д-р Митрев како и вработените во клиниката биле предмет на опортунизмот на Стаменковски при што на порталот ДоказМ биле објавувани текстови со лаги, неосновани и непоткрепени информации и со тоа била нанесена штета на угледот и работата како на клиничката болница така и лично на поединци.

„Порталот ДоказМ, објавуваше интерни меил комуникации, пораки добиени од поранешен вработен кој сега работи во болницата Аџибадем Систина и кој отворено на социјалните мрежи им се закануваше на вработени во клиниката Жан Митрев. Оваа комуникација би требало да биде, исто така, предмет на предистражните дејствија. Стаменковски во своите текстови користеше бројни навредливи квалификации и со тоа влијаеше врз мислењето и перцепцијата на голем број читатели“, велат од клиниката.

Оттаму веруваат во транспарентност, во објективност и ги поддржуваат начелата на истражувачкото новинарство и посебно слободата на говорот.

„Но, во објавите на порталот ДоказМ немаше ништо од новинарските принципи и од почитување на правото за изјаснување. Клиниката долго време бараше начин институционално да ја заштити работата на клиниката и своите вработени од ваквите напади. Ова е единствениот начин и затоа одлучи по повикот од Јавното обвинителство да се приклучи кон ова обвинение“, велат од клиниката Жан Митрев.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.