Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Кавадарци за кривично дело „насилство“ врз жена и нејзината малолетна ќерка во гевгелиско.
Како што информираат денеска од Јавното обвинителство, откако претходно повеќе пати ѝ пишувал пораки преку апликацијата „Вибер“ во кои ѝ се заканувал дека ќе ја повреди и ќе ја убие оштетената со која порано бил во љубовна врска затоа што му кажала дека веќе не сака контакт со него, на 16 јануари, осомничениот дошол од Кавадарци каде што живее, со неговото возило и го паркирал на улицата пред семејната куќа на оштетената во селото Мрзенци.
-Кога дошол пред влезната врата, ѝ се јавил да му ја отклучи вратата, па откако оштетената одбила, осомничениот со нога ја скршил вратата и влегол внатре. Веднаш се качил на горниот кат каде што во спалната соба оштетената спиела со нејзината 6-годишна ќерка и ја удрил со бокс во пределот на лицето. Во тој момент се разбудило и девојчето и почнало да плаче, па оштетената ја дигнала во рацете. Осомничениот замавнал кон нив и го удрил девојчето во пределот на лицето. На оштетената ѝ го одзел мобилниот телефон и го скршил за да не може да побара помош, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Осомничениот, како што се наведува во соопштението, повторно почнал да ја удира со боксови и клоци, да ја дави во пределот на вратот, додека за цело време нејзината малолетна ќерка плачела вознемирено, молејќи го осомничениот да си оди и да не ја тепа мајка ѝ.
-Навредувајќи ја, тој ја фатил за коса оштетената и со влечење ја симнал во дневната соба. За да го натера да ја пушти мајката, девојчето започнало да фрла кон осомничениот со портокали, по што тој започнал да ја тресе ќерката, ја дигнал и силно ја фрлил на седечката гарнитура. Потоа се качил на горниот кат, каде ги кршел и расфрлил сите предмети. Тој момент го искористила оштетената која целата во крв, боса, ја зела нејзината ќерка и успеала да излезе од куќата, да влезе во возилото и да побегне во домот на нејзините родители, информираат од Обвинителството.
Од насилството оштетената се здобила со тешка телесна повреда – скршеница на нос, како и повеќе посекотини, контузии и хематоми по целото тело, а со телесни повреди – гребнатинки, модрици и хематоми се здобила и нејзината малолетна ќерка. Со дејствијата осомничениот кај двете предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв кое резултирало со бројни психички трауми особено кај 6-годишното девојче.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека тој ќе се даде во бегство, ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и дека ќе го повтори кривичното дело.
Судијата го прифати предлогот и донел решение со кое на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.