Дали истрагата за смртта на ракометарот Денис Тот ќе се прошири на повеќе од три лица? Ова прашање се наметнува поради фактот што првоосомничениот Анџело Ѓоргиевски, шест дена беше во бегство, иако за него беше распишан и централен распис и меѓународна потерница, а првиот човек на МВР, министерот Оливер Спасовски, посочи дека тој се криел „во објект во Скопје“.

„Слободен печат“ праша во Oбвинителството чиј бил овој „објект“, дали имал помагач односно соучесник што го криел првообвинетиот додека полицијата трагаше по него, но оттаму не ни одговорија „во интерес на истрагата“. На тројцата осомничени А.Ѓ. (28), К.Л. (19) и А.К. (22) им е одреден триесетдневен притвор. А.Ѓ. последен беше приведен откако шест дена беше недостапен за органите на прогонот.

Надлежниот јавен обвинител ги испитува сите околности во предметот за кој покажувате интерес и интензивно прибира вербални и материјални докази со цел утврдување на сите факти. Во моментов истражната постапка се води против три лица за кривично дело убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот Закони, велат од ОЈО за „Слободен печат“.

Обвинителството не споделува ниту дали биле извршени тестирања за присуство на дрога и алкохол во крвта на тројцата осомничени за убиството на хрватскиот ракометар.

Доколку осомничените биле под дејство на дроги, тогаш тоа би била отежнителна околност за нив.

Според наши извори, Ѓоргиевски по телефон бил контактиран од наркодилер за време на полициската истрага. Нему му кажал дека се крие во Косово. Обвинетите дале искази што посочуваат на две различни стории за мотивот за насилниот инцидент во кој ракометарот беше убиен. Едната од нив е дека почнале да го удираат поради расправија за место во такси-возилото, а другата верзија е дека Тот ја навредувал и непристојно ја допирал второосомничената К.Л.

Неофицијално, вечерта по полноќ, Денис Тот и тројцата осомничени за неговото убиство, влегле во дискотеката „Привилиџ“ во скопскиот Градски парк, по што се дружеле во исто сепаре и пиеле виски и енергетски пијалаци. До излегувањето од дискотеката, во 3:30 часот по полноќ, немало конфликт меѓу нив, но состојбата, според она што може да се види на снимките од безбедносните камери, брзо ескалирала. Од првиот удар во пределот на лицето, кој на Тот му го задал А.Ѓ., тој паднал  на асфалтот и останал неподвижен, по што второосомничената во неколку наврати го клоца и го удира.

Извор: Слободен печат



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.