Посетителите и рекреативците од Велес апелираат до локалната власт да ги реновира летниковците од другата страна на велешко езеро Младост оти се речиси целосно уништени. Тие бараат и поставување нова урбана опрема, нови клупи и повеќе корпи за отпадоци.

Од осум летниковци на првата локација на патеката, само еден е сочуван. Најчесто се скршени нивните кровови но и целосно уништени и на останатите локации долж велешко езеро „Младост“, а кое е сè поатрактивно за гостите од земјава, но и бројни странски посетители.

Граѓаните кои се чести посетители на велешко езеро Младост апелираат до Општината и ЈКП „Дервен“ да ја засили чуварската служба за да ја чува урбаната опрема и летниковците, а несовесните да се казнуваат. Тие посочуваат дека во деновите на викенд и празник корпите за отпадоци треба почесто да се празнат и да се постават нови.

Од друга страна пак, Општина Велес и ЈКП „Дервен“ апелираат до посетителите да не ги уништуваат летниковците, клупите, корпите за отпадоци, како и опремата поставена во рамките на проектот „Смарт езеро Младост“.

Инаку Општина Велес пред десетина години постави 60 летниковци на повеќе локации над велешко езеро. Тие се честа мета на поединечни вандалски посетители.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.