Обвинителството нема намера да го блокира работењето на болницата „Жан Митрев”, вели обвинителката Искра Хаџивасилева од ОЈО Скопје за блокираните сметки на клиниката откако оттаму утрово се пожалија дека не можат да функционираат.

Барањето за блокирање сметки е од пред неколку месеци, а судот донесе одлука непосредно пред почнувањето на судскиот процес. Обвинителката вели дека таа мора да води грижа и за побарувањата на оштетените пациенти и семејства, а на обвинетиот Жан Митрев му порача дека може да понуди и друга гаранција, па да се одмрзнат сметките. Тоа, нагласи, го дозволува и законот.

Ова е нешто што трае подолго време. Обвинителството повтори дека не е негова претензија да се блокира работата на болницата, напротив, се водевме од начелата на пропорционалност. Сега имате од страна интерес на оштетени и нивното правото на побарување кое е пријавено, јас чувствувам обврска да го заштитам истото, но повторено е многупати како и денес дека одбраната може и апсолутно е прифатливо да понуди износ како гаранција за таквото побарување. Тоа е нешто што обвинителството и тоа како ќе го цени дури и го охрабрува, изјави обвинителката.

Жан Митрев и болницата како правно лице се обвинети за кривичното дело измама, а предметот е поврзан со користење на методот на хемофилтрација кај ковид-пациенти за што обвинителството тврди дека докторот не смеел да го прикажува како алтернатива за лекување од овој вирус. Докторот и сопственик на клиниката денеска се појави во Основниот кривичен суд Скопје на првото закажано рочиште, но тоа се одложи бидејќи тој ангажирал нови адвокати кои бараа време за да се запознаат со предметот. Коментирајќи го одложувањето, обвинителката рече дека неговото право на одбрана е неприкосновено, но треба да биде и гаранција понатаму за неговото присуство во судскиот процес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.