За опремување на новиот простор, за гориво и организирање три настани биле потрошени 15 илјади евра од благајната кога со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност раководеше Лидија Димова. Александар Гочев, кој веќе призна вина и е осуден, денеска се појави како сведок во судскиот процес кој за злоупотребите кои се правеле во Националната агенција пред пет години.
Тој пред судот тврдеше дека не постоел план како да се вратат потрошените пари од благајната, а Димова под присила го натерала да потпише изјава во која стоело дека таа не знаела што се правело во агенцијата.
„Од аспект на буџетски средства имаше предвидено, меѓутоа во процесот на формирање на јавната набавка, дел од работите кои се изведуваа не беа предвидени. Дел од средствата од благајната што недостасуваа се употребени за реновирање на зградата“, рече Гочев.
8 илјади евра од благајната се потрошиле за гориво за новите 4 возила кои што ги набавила Агенција во 2018 година, тврди поранешниот вработен, а се користеле и за притватни цели.
„Со оглед дека износот обезбеден не беше доволен за сите четири возила, горива за тие возила се дополнуваше со средствата кои беа во благајна, за кои можам да кажам дека до последен ден имало уредно, фискални сметки, кога и колку е наточено. Во моментот кога возилата од моја страна се предадени, километражата vs искниженото гориво – има енормна разлика од тоа колку е платено…и таа разлика е платена од овие средства…“ рече Гочев.
Во судницата Димова му поставуваше прашања на Гочев, кој пак упорно наведуваше на тоа дека таа знаела за незаконското работење.
Димова по судењето не одговори на прашањата како се местеле тендери во Агенцијата со која таа раководеше.
Обвинителката е убедена дека ексдиректорката постапувала спротивно од законите.
„Да, убедена сум дека ќе докажам (вина на обвинетата) со оглед на тоа дека не се исполнети условите кои што законите за јавни набавки кои што законот, баш јасно ги предвидува “ вели обвинителката од ОЈОГОКК, Сузана Мирческа Кузмановска.
Лидија Димова се гони направена штета од 20 милиони денари со злоупотреби на средства на европската заедница. Второобвинет беше Александар Гочев за подигнување на авансни пари од Агенцијата без соодветна документација за што призна вина и благајничката Ана Павлиду која му ги давала парите, а не смеела.
Извор: Алфа
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.