Дежурен јавен обвинител заедно со полициски увидни екипи извршија увид во угостителскиот објект во Старата скопска чаршија, каде штш две лица беа застрелани, а едно е повредено.

Од Јавното обвинителство информираат дека според првичните информации, неколку маскирани лица со огнено оружје пукале кон двајцата кои починале на самото место, додека повредениот е пренесен во болница за да му биде укажана лекарска помош.

Фиксирани се траги на лице место, а јавниот обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите, се вели во соопштението од ЈО.

Полициските екипи го обезбедуваат местото во Старата скопска чаршија каде се случи престрелката во која починаа две лица, а едно е повредено.

Пристапот кон Скопското кале и Старата скопска чаршија од синоќа се блокирани од полицијата.

Од МВР претходно информираа дека во СВР Скопје вечерва во 20.11 часот е пријавено дека во угостителски објект во Скопје неколку лица пукале кон Ј. К. и Е.И., кои починале на лице место, и кон А.Т., кој е пренесен во болница за укажување лекарска помош.

Од Универзитетската клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски за МИА потврдија дека едно лице со две прострелни рани е донесено во оваа клиника синоќа во 20.15 часот со приватно возило. Констатирана му е прострелна рана во пределот на левото стапало и поголема рана во пределот на десната потколеница.

Како што изјавија за  МИА, на лицето му е укажана помош и е пуштено на домашно лекување.

Нагласуваат дека досега во оваа клиника е донесено само едно лице.

Од МВР засега нема нови официјални информации и детали. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.