„Не се согласив да бидам пион, можеби тоа е причината поради која сме денеска овде“, рече Зорана Михајловиќ на својата проштална прес-конференција како министерка за рударство и енергетика. Таа не се најде меѓу кандидатите за министри во новата влада што вчера ги соопшти претседателот на Србија и на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, пред Главниот одбор на СНС.

Таа оцени и дека повеќе нема да го има единствениот поинаков „тон во владата“, мислејќи на себе.

Михајловиќ им се заблагодари на медиумите за професионалното следење на нејзините активности.

И вам што бевте вистински професионалци и вам што ме тргавте и забранувавте, ви благодарам повторно затоа што бев само подобра во споредба со она што го видов во медиумите“, рече таа.

На новиот министер за рударство и енергетика му посака се најдобро и додаде дека мисли дека и нејзе нема да ѝ биде лесно.

И мене не ми беше лесно, не се согласив да бидам пион и можеби тоа е причината поради која сме денес овде. Немам причина да се каам за ништо, 10 години сум во владата, зад мене имам резултати и се што направивме заедно“, изјави Михајловиќ.

Запрашана дали ќе остане во СНС, таа рече:

Што се однесува до СНС, денес е денот за расчистување на сметките и цртање линија, а не за тоа да се зборува. За тоа како – со или без СНС – има време. Мислам дека ќе ми биде полесно да не гледам некои луѓе што го користат СНС како џубокс за богатење, исто како што ним ќе им биде полесно да не ме гледаат мене“.

Зорана Михајловиќ порача дека дефинитивно ќе остане во политиката.

„Сакам да работам за мојата земја и народ, никогаш нема да излезам од неа. Верувам дека Србија има место во Европа и ЕУ и секогаш ќе се борам Србија да биде на Запад, а не на Исток во овие глобални поделби“.

Таа додаде и дека ќе има време за приказни за понатамошни планови, „а особено за она што се случи во последните две години“.

На прашањето дали се гледа себеси на чело на некое од јавните претпријатија и дали имала некаков разговор со Александар Вучиќ или Ана Брнабиќ, таа рече дека дефинитивно нема да одговори за содржината на разговорот со претседателот.

Рече дека вчера имала приватен разговор со претседателот и го демантираше пишувањето на одредени медиуми за тоа како изгледал тој разговор, додавајќи дека „нему нема да му биде лесно, но ќе има една главоболка помалку бидејќи ќе го нема тој понинаков глас од владата“.

Што се однесува до други позиции – не, тоа не ме интересира, не сакам да бидам на ниту една од тие позиции, тоа што го работам е енергетика“, рече Михајловиќ.

Што се однесува до приказната за Западот, односно ЕУ, претседателот многу добро знае каде треба да оди Србија и какви одлуки треба да донесеме, а јас воопшто не се сомневам во тоа“, додаде таа. Таа оцени дека е малцинство како некој што се бори Србија да биде на Запад, а не на Исток.

Не сум сигурна колку е проевропска новата влада, но таа е просрпска“, истакна Михајловиќ и додаде:

Ќе почекаме неколку месеци за моите конкретни планови“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.