Бугарското вето против  Македонија беше обична глупост, изјави политикологот Христо Панчугов на ТВ „Бугарија во етер“. Ако требаше да се стави вето, тоа требаше да се направи порано, коментира тој за програмата „Брисел 1“ на дебата за надворешната политика на Бугарија, јавува дописникот на МИА од Софија.

Зинаида Златанова, која е поранешен вицепремиер за европски фондови (2013-2014), коментира дека за една држава нема ништо полошо од недоследност во нејзината надворешна политика. Според неа, тоа автоматски ја намалува довербата и почитта кон неа.

Во времето кога Бугарија наметна вето на Македонија, ништо не се случи во билатералните односи, рече Златанова. Во овие две години никој во Софија не работеше на надминување на проблемите. Ветото според неа е губење време.

Панчугов коментира дека бугарското вето било во функција на внатрешно – политичките односи во Бугарија и тогашните избори во земјата.

Ветото, според него, било во функција на една конкретна партија да влезе во следниот бугарски парламент и ништо повеќе. Ова, вели тој, не било продолжување на надворешната политика и не постигнало ништо, дури ни за интересите на бугарското малцинство во  Македонија, додаде Панчугов.

Европската политика за заштита на човековите права е многу посилна од бугарското вето, заклучи категорично Панчугов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.