Кабинетот на високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, подготвил предлог за пакет мерки насочени кон Владата на Косово и премиерот Албин Курти, поради недостиг на политичката волја за да се преземат неопходните мерки за деескалација на ситуацијата на северот на Косово.
Како што пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ) од дипломатски извори во Брисел, меѓу предложените мерки што ги подготвил кабинетот на Борел е да се блокираат сите покани за Косово на настани од високо ниво и да се откажат билатералните посети на Приштина, освен оние кои имаат за цел решавање на кризата на северот на земјата.
Се предлага суспендирање на значителното финансирање од ЕУ, почнувајќи со суспендирање на одобрувањето и спроведувањето на предлозите поднесени од Косово во последниот круг на Инвестицискиот фонд за Западен Балкан и суспензијата на некои поткомитети меѓу ЕУ и Косово, во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.
Дипломатски извори од повеќе земји-членки на ЕУ за РСЕ потврдиле дека земјите-членки на ЕУ не се обврзани да ги спроведат предложените мерки, но секако се очекува да ги почитуваат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.