Србија бара ослободување на сите уапсени Срби од северот на Косово, а во исто време бара начини за намалување на тензиите во таа област, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за Ројтерс.
Тој истакна дека „косовската полиција нема што да прави на север…, особено вооружените луѓе до заби“. Тој додаде дека тоа создава непријатност и страв кај српското население.
По состанокот на Советот за национална безбедност, Вучиќ рече дека косовските Срби не смеат да учествуваат во насилството врз војниците на НАТО и членовите на мисијата на ЕУ на Косово.
„Никој, под никакви околности, не треба да биде вклучен во нападите… врз ЕУЛЕКС и КФОР“, изјави Вучиќ за Ројтерс.
Тој одби да ги разјасни чекорите договорени на состанокот на Советот за национална безбедност.
На прашањето дали Белград ќе се обиде да ја деескалира ситуацијата на северот на Косово, тој одговори: „Апсолутно“.
Србите на северот на Косово од саботата ги блокираат главните патишта поради апсењето на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ. Во саботата вечерта, како што изјави ЕУлекс, врз неговата извидничка патрола била фрлена шок бомба, што наиде на осуда од меѓународната заедница. Во тој напад нема повредени или материјална штета.
ЕУ, САД и НАТО ги повикаа двете страни да се смират и да ги отстранат барикадите.
Вучиќ ги обвини властите во Приштина и косовскиот премиер Албин Курти дека поттикнуваат тензии со преземање „бројни еднострани акции“.
Секогаш кога некој ќе помисли дека нешто сме решиле, се појавуваат други проблеми“, изјави Вучиќ.
Градоначалниците на српските општини на северот на Косово, заедно со локалните судии и околу 600 полицајци, поднесоа оставки минатиот месец поради одлуката на властите во Приштина да започнат со спроведување на мерката за замена на регистарските таблички издадени од Белград со оние издадени од Приштина на територија на Косово. Косово подоцна се согласи да го одложи спроведувањето на таа одлука, а Белград изјави дека ќе престане да издава нови регистарски таблички. Исто така, Косово одлучи да ги одложи изборите во српските општини на север до пролет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.