Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека позицијата на Белград во однос на Москва ќе биде потешка по смртта на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и дека ситуацијата треба да се гледа во контекст на рускиот напредок во Украина и претседателските избори во САД, но ја отфрли можноста за воведување санкции кон Русија, јави дописникот на МИА од Белград.
-Смртта на Навални е „уште една искра“, а во Минхен видовме навивачки пристап, броење и сумирање како да се победи непријателот, а не долгорочен поглед на иднината, изјави Вучиќ за ТВ Прва по враќањето од Минхенска безбедносна конференција.
Вучиќ нагласи дека бил „ужасен“ кога ја слушнал веста за смртта на Навални, оценувајќи дека Србите сакаат да имаат „навивачки став“ и да прифаќаат се што им се допаѓа, а се друго да отфрлаат.
-Јас не сум истражен орган и не сум толку паметен како сите во светот кои секогаш знаат сè, кажа тој и додаде да „сега не се работи за притисок за воведување санкции кон Русија, луѓето знаат дека тоа не е можно“.
Вучиќ, коментирајќи го тоа што на Безбедносната конференција во Минхен со аплауз не ја поздравил сопругата на починатиот руски опозиционер Алексеј Навални, рече дека пред тоа Јулија Навални седела до него, но дека не знал која била таа.
-Да знаев за кого станува збор, ќе изразев сочувство, но можеби згрешив бидејќи таа веднаш рече дека не сака да и се изрази сочувство, додаде тој.
Европската унија по усвојувањето на резолуцијата за Србија, наведе Вучиќ, загуби 10 отсто од својата популарност во јавното мислење, и сега има 24 отсто од оние кои се за членство, а 26 отсто се против.
-Што направивте (ЕУ) слушајќи ги оние кои се малцинство (опозицијата) и кои не ја сакаат својата земја, а јас ќе се борам да ви ја подигнам популарноста, изјави тој.
Коментирајќи ја српската опозиција во контекст на усвојувањето на европската резолуција, рече дека поради нивната хајка, на Србија и е нанесена голема штета.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.