Дваесет и петти ден од кампањата за вонредните парламентарни, локални и изборите за градот Белград. Рокот за поднесување изборни листи истекува денеска на полноќ, а во Републичката изборна комисија (РИК) поднесени се 14 изборни листи од кои досега се прогласени 12 листи, јави дописникот на МИА од Белград.
Први кои поднесоа изборна листа е коалицијата на владејачката Српска напредна партија (СНС) на претседателот Александар Вучиќ, која ќе излезе на изборите под слоганот „Александар Вучиќ – Србија“ заедно со коалициските партнери Расим Љајиќ (Социјалдемократска партија на Србија), Милан Кркобабиќ (ПУПС), Милан Стаматовиќ (Здрава Србија) и Ненад Поповиќ (Српска народна партија). Кандидат за градоначалник на Белград од оваа партија ќе биде досегашниот градоначалник Александар Шапиќ.
Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ (СПС) ќе учествува на изборите со листата е под име „Ивица Дачиќ – премиер на Србија“ во коалиција со Единствена Србија (ЈС) на Драган Марковиќ Палма и со Зелените на Србија (ЗС), а Тома Фила ќе биде заеднички кандидат за градоначалник на Белград.
„Србија против насилството“ е изборна листа на проевропската опозиција или Партијата за слобода и правда (ССП), Народното движење на Србија, Зелено-левиот фронт/Не го давиме Белград, Срце, Еколошкото востание, Демократската партија (ДС), Движењето на слободни граѓани (ПСГ), партијата Заедно и синдикатот Слога, со Мирослав Алексиќ и Мариника Тепиќ како носители на листата на републичките избори, а Владимир Обрадовиќ е кандидат за градоначалник на Белград.
Социјалдемократската партија (СДС) на поранешниот претседател Борис Тадиќ не успеа да влезе во коалиција со проевропските партии и оди со посебна изборна листа „Добро утро Србијо“, заедно со Саша Радуловиќ од Доста беше (ДЈБ).
На изборите самостојно ќе излезе и Либерално демократската партија (ЛДП) на Чедомир Јовановиќ, со листа „Мораме поинаку“.
Опозициските партии од десницата, Народна партија (НП) на Вук Јеремиќ, Двери, радикалите на Воислав Шешељ, Нов ДСС на Милош Јовановиќ, Заветници, ПОКС, засега не успеа да постигнат договор за заедничка коалиција на овие избори во Србија.
НП на Вук Јеремиќ оди самостојно на изборите со листата „Сигурен избор“, Новата Демократска странка (ДСС) на Милош Јовановиќ и ПОКС – Движењето за обнова на кралството Србија понесоа своја листа под име „Надеж за Србија“, како и Двери на Бошко Обрадовиќ и Заветници на Милица Ѓурѓевиќ Стаменковска кои имаат изборна листа „Национално собирање – Државотворно сила“.
Српската радикална партија на Воислав Шешељ на парламентарните избори оди самостојно со своја изборна листа, додека на локално ниво и на изборите за град Белград се во коалиција со СНС.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.