Во Пирот се уште е на сила вонредната состојба поради истекување на амонијак од вагон-цистерна кој излета од шините на десетина километри од градот, а според последните анализи на воздухот, во градот нема амонијак, но гасот од резервоарот се уште протекува, па концентрациите во тој дел се зголемени, јави денеска РТС.

Училиштата и градинките и денеска нема да работат. Двајца мажи починаа, а обдукцијата ќе покаже дали причината за смртта е труење со амонијак. Од околу 50 повредени во болниците во Пирот и Ниш, 11 се задржани на лекување.

Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Пирот Зоран Николиќ за РТС изјави дека водоснабдувањето на градот не е доведено во прашање, бидејќи не се снабдува од отворени водотеци, реки и езера, туку од извори.

-Сè е затворено и затоа постои минимална веројатност да се случи некакво загадување во однос на квалитетот на водата, рече Николиќ и истакна дека Пирот има и фабрика за вода, која, како што вели, може да помогне доколку се случи некој проблем.

Тој посочува дека водата во Пирот е сосема исправна, дека водоснабдувањето е редовно, но поинаква е ситуацијата во Станичење каде се излизга вагонот-цистерна.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.