Косово по никоја цена нема да се откаже од евроатлантскиот пат, затоа што дадовме многу жртви за да дојдеме до него, изјави денеска косовската претседателка Вјоса Османи по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Брисел.

– НАТО е наша судбина во ова клучно време за трансатланската заедница. Косово, како и НАТО, имаат иста цел, а тоа е мир и стабилност и безбедност за сите луѓе во регионот, порача Османи, додавајќи дека успехот на Косово претставува и успех на НАТО за развојот на демократијата и гарантирање на безбедноста во регионот.

Според Османи, благодарение на Силите на НАТО во Косово – КФОР сите косовски граѓани живеат слободно без разлика на нивната национална припадност.

Османи истакна дека нападите врз припадниците на КФОР во мај годинава биле дело на српски криминални групи, додавајќи дека доколку одговорните за овие настани не бидат казнети, постои ризик сторителите да го сфатат тоа како „наша заедничка слабост“ и дека може продолжат со нападите врз Силите на НАТО, косовската полиција и новинарите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.